1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Да се преговара само за Името!

Реакции на грчката политика и медиумите на последната средба на медијаторот во грчко-македонскиот спор околу името со преговарачите од двете земји. И германскиот весник „Ди Велт“ се задржува на спорот околу името.

default

Мандатот на специјалниот посредник е „еден и конкретен - решавање на спорот за името“. Раководството на Фиром треба да пријде кон преговорите сериозно и без да бега од суштината, изјави Дора Бакојани, министер за надворешни работи на Грција по вчерашните средби на Метју Нимиц со преговарачите од двете земји. Претставничка на најголемата опозициона партија ПАСОК побара од грчкиот преговарач да се погрижи за разјаснување дека името единствен предмет за дискусија во преговорите со соседната земја.

Во грчките медиуми зборовите на Нимиц дека името е централно прашање на преговарачкиот процес се толкуваат како одговор „за обидите на Скопје да го прошири дневниот ред и со други прашања“. Весникот „Етнос“ вели дека Нимиц настојува конечното решение да се базира врз зборовите „Северна Македонија“. Повикувајќи се на извори во Њујорк, весникот тврди дека Нимиц вчера го предложил тоа име во пет варијанти.

Весникот „Катимерини“ забележува дека Нимиц со години не преземал сериозна иницијатива, а сега, откако се заинтересираа Вашингтон, кој сака членство на соседната земја во НАТО, и големите држави во Европа, одеднаш го интензивира целиот процес, оти почувствувал дека има шанси да успее.

„Елефтерос типос“, пак, спорот го става во контекст на кризата во Кавказот. Повикувајќи се на пишувањето на „Интернешенел хералд трибјун“, тој пренесува американски ставови .дека на Македонија треба веднаш да и’ биде упатена покана за членство во НАТО, за на тој начин Алијансата да и’ покаже на Москва дека ќе продолжи со проширувањето и ќе го потенцира правото на заштита на теритријалниот интегритет на малите држави. Атина, пак, треба да биде критикувана за врските со Русија и блокадата на приемот на Македонија, пишува „Елефтерос типос“.

Весникот „Пондики“ се зафаќа со проблематиката на македонскиот јазик и малцинство. По приклучувањето на Романија кон Европската карта на регионални малцински јазици на Советот на Европа, и откако го призна македонскиот како заштитен регионален малцински јазик во Романија, не е далеку времето кога јазикот и малцинството што го говори ќе бидат признаени од соседни и други држави. Грција ќе стане единствена во непризнавањето на јазикот малцинството на својата територија. „Хјумен Рајст воч“ уште пред две години и’ препорача на грчката влада да го призане македонското етничко малцинство, неговиот јазик и културни традиции, пишува „Пондики“.

Германскиот весник „Ди Велт“, пак, во напис за спорот околу името, пишува за „на прв поглед смешни причини“ за ветото на Грција за приемот на Македонија во НАТО“. „Она што оддалеку изгледа толку потресувачки за светот, колку и кавга на соседи за оградата во градината, на Балканот е смртно сериозна работа и ги усвитува духовите.“