1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Да се олесни интеграцијата на Ромите

Во декларацијата од Стразбур за Ромите, усвоена на вчерашната конференција посветена на подобрувањето на положбата на Ромите во Европа, се потсетува на принципот на недискриминација и граѓански права.

default

Интеграција наместо сегрегација на Ромите

На конференцијата која беше свикана од претседавачот со Комитетот на министрите на СЕ, македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски и генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд, одлучено е сите европски држави да ги обединат напорите за да дадат паневропски одговор на потребите на околу 10 до 15 милиони Роми колку што живеат во Европа.

Има надеж за Ромите

„Дефинитивно надеж постои, затоа и се нафативме сите кон подготвување на една ваква конференција, која што ќе ги зближи не само земјите членки на Советот на Европа, туку и земјите од ЕУ, ОБСЕ и другите важни меѓународни организации кои што работат на ова прашање. Да се координират активностите, да се добијат што е можно повеќе информации за она што конкретно го работат од владите за подобрување на ситуацијата. И едноставно на некој начин да се натераат, можеби не е убав зборот притисок, да се притиснат владите, туку на еден начин да мотивираат да работат уште повеќе за да ја подобрат ситуацијата на Ромите“, вели Роберт Рустем, по потекло од Скопје, Македонија, кој работи во Советот на Европа како шеф на секретаријатот на Европскиот форум на Ромите.

Robert Rustem Europarat

Роберт Рустем

400 медијатори за Ромите

Во усвоената Декларација од Стразбур се предвидува и создавањее на нова програма за европска обука на околу илјада ромски медијатори, кои ќе даваат судски и административни совети на ромската заедница. Во 2011 година првата група од 440 медијатори ќе биде обучена и бројката треба да се зголеми во зависност од финансиските средства. Предвидена е и обука на околу илјада правници – Роми, кои ќе интервенираат во подобрувањето на пристапот на Ромите пред правосудните органи, образованието, здравствената заштита, вработувањето и ќе бидат врска меѓу ромската заедница и граѓанското општество.

Позитивните искуства и пракса за интеграција на Ромите треба да се стават во прв план

На самата конференцијата многу се инсистираше на позитивната пракса и искуствата во интегерацијата на Ромите.

Roma Abschiebung

Илјадници Роми беа депортирани од Франција во Бугарија и Романија

„Апсолутно ми се допаѓа прашањето за позитивните примери, затоа што факт е дека има позитивни примери. Прашањето е дали ги експонираме, односно ги презентираме ваквите позитивни примери. Имавме можност да слушнеме од г-динот Антонио Милошоски, кој спомена дека на конференцијата имаше два позитивни примери: тоа беше г-дин Рудко Кавчински, претседателот на Европскиот форум на Ромите, кој што е долгогодишен познат политичар и борец за ромските права и г-динот Неждат Мустафа, кој што е министер без портфељ во македонската влада, кој што како основна задача го има спроведувањето на дело на декадата на Ромите 2005-2010. Како и да е, она што би сакал да споменам е дека решавањето на ромското прашање не бара нивно сегрегирање, туку бара нивно вклучување во системот на државата. Значи наоѓање на решение преку системот и институциите кои постојат, бидејќи на тој начин покажуваме дека Ромите се еднакви граѓани во државата во која што живеат и дека нивните проблеми не се проблеми на нивната заедница, туку на општеството во кое што живеат. Според тоа, мислам дека ваквиот пристап и позитивните примери можат да придонесат за поголемо инволвирање, не би сакал да го употребам зборот интеграција, туку инволвирање на ромската заедница во општествата во кои што живее.“

Роберт Рустем на крaјот истакнува:

„Секако дека сум оптимист, инаку кога не би бил оптимист сигурно дека би се занимавал со нешто друго.“

Првиот отчет за реализацијата на тоа тоа што е ветено од земјите-членки на СЕ, се очекува во мај 2011 година.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM