1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Да се обели образот

По поразот од 0:4 во првиот четвртфинален натпревар во Лигата на шампионите, во Баерн не веруваат дека денеска, на реваншот во Минхен, е можно чудо против Барселона. Тренерот Јирген Клинсман, сепак, посакува победа.

default

Сцена од првиот четврт-финален натпревар Барселона-Баерн

Ова се тешки времиња за Јирген Клинсман. По поразите од 1:5 против Волфсбург во Бундеслигата и 0:4 против Барселона во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите, тој стана цел на жестоки критики. Но, за тренерот на Баерн откажувањето на е опција. Тој веќе извојува една решавачка победа за задржување на работното место, во саботата против Франкфурт со 4:0, со која Баерн ги задржа шансите за освојување на титулата во Бундеслигата.

Jürgen Klinsmann frustriert in Wolfsburg

Јирген Клинсман- дали ќе ги замолкне жестоките критики?

На денешниот реванш меч со Барселона Клинсман, меѓутоа, гледа реалистично:

„Ние со сигурност не сонуваме за тоа дека ќе им дадеме четири или пет голови, туку сме реалистични“, изјави Клинсман пред мечот. Ниту во досегашната статистика во 17 -годишната историја на Лигата на шампионите немало екипа која успеала да надомести разлика од 4 голови. Само тимот на Депортиво Ла Коруња успеа во 2004-та година, по поразот од 1:4 од Милан, да избори пласман во наредната рунда со победата во реваншот од 4:0. Сепак, тренерот на Барса, Јосеп Гвардиола е претпазлив и по победата на Баерн против Франкфурт од 4:0 предупреди: „Баерн е секогаш во состојба да постигне 4 голови.“

Челзи со убедлива предност во реваншот против непредвидливиот Ливерпул

Fussball FC Chelsea Michael Ballack

Германскиот репрезентативец Михаел Балак ќе го предводи Челзи во реванш натпреварот против Ливерпул

Надежите барем за победа на денешниот натпревар во Минхен се подгреани со релаксираната персонална состојба во Баерн. Лусио е повторно фит, а и Филип Лам и Даниел ван Бојтен се враќаат во тимот. „На натпреварот ќе му пристапиме со намера на навивачите да им покажеме убава игра, со намера да се надигруваме со Барселона и ако е можно да победиме“, порача Клинсман.

И играчите на Баерн не веруваат дека е можно чудо во Минхен, но сакаат да се докажат и да си ја зголемат цената. „Ние се разбира сакаме да победиме. Сакаме и на интернационално ниво да покажеме дека заслужено играме во четвртфиналето и оти минатата недела направивме кикс.“, порача одбранбениот играч, Филип Лам.

Во вториот денешен реванш четвртфинален натпревар во Лондон, екипата на Челзи влегува со голема предност од 3:1 од гостувањето на Енфилд роуд. Но, Ливерпул е тим кој досега во многу наврати докажал дека однапред не се предава.

Автор: Бенјамин Вист / Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска