1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Да се лекуваш од сида во Македонија не е лесно

Никогаш нема да ги заборавам зборовите „тестот излезе позитивен“. За жал, стануваше збор за ХИВ-тест, вели во својата исповед за ДВ еден од луѓето во Македонија кои се заразени со опасниот вирус.

default

Први декември е Светски ден за борба против сидата

Клучен проблем кога е во прашање сидата во Македонија не е ни ширењето, ниту превенцијата од оваа опасна болест. Тоа е третманот на болните и статусот на заразените. Во една конзервативна земја, со здравствен систем кој е во незадивна положба, не е воопшто лесно човек да се лекува од сида или да живее како носител на ХИВ-вирусот.

„Проблемот е дискриминацијата на луѓето кои живеат со ХИВ СИДА“, вели Драшко Костовски од невладината организација „Хера“.

HIV infizierte menschliche T-Zelle

Клетки инфицирани со ХИВ

Годинава во Македонија се регистрирани 12 нови случаи на ХИВ СИДА. Најголем број од новите случаи се од Скопје или од Тетово, но заразени или болни има во речиси сите поголеми места. Првиот случај во Македонија е забележан во 1987 година. Оттогаш се регистрирани 132 случаи. Живи се 69. Поголемиот број од болните или заразените се мажи. Македонија има национална стратегија за борба против сидата. Надлежните сметаат дека земјата напредува на ова поле. Д-р Жарко Караџовски објаснува:

„Во однос на она што било во 90-тите сме биле само статистичари на она што се случуваше, зошто на секој случај сме евидентирале или смрт или во текот на наредната календарска година смрт. Меѓутоа, во последните пет-шест години, ако речеме дека имало 30-тина заболени, а 15 смртни исходи, тоа е сепак подобрување.“

Луѓето кои се заразени или болни не се срамат да зборуваат - се плашат!

Нашиот соговорник прифати да ја сподели со слушателите својата судбина само под гаранција дека неговиот идентитет ќе биде заштитен. Затоа е модифициран неговиот глас.

Symbolbild Aids Medikamente Finanzierung

Од идната година, владата е должна со средства од буџетот да ја обезбеди антиретровирусната терапија

„Ти изледаш подобро од мене ми рече мојот другар кога му соопштив дека сум ХИВ-позитивен. Кога го прашав што очекувал, како ги замислувал луѓето кои се заразени, остана без зборови.“

Дека стравот е реален и оправдан потврдува Костовски од „ХЕРА“ низ повеќе примери.

Досега, антиретровирусната терапија која го продолжува животот на болните од СИДА беше финансирана од глобалниот фонд. Од идната година, владата е должна со средства од буџетот да ја обезбеди оваа скапа терапија. Невладините организации апелираат и работат на тоа подобро да ја запознаат јавноста со сите прашања поврзани со сидата. Фокусот останува на превенцијата.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска