1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Да се избере помалку лошата опција

Заврши кроењето на кандидатските листи за парламентарните избори. Како политиколозите и други експерти гледаат на комбинаториките и меѓусебните пазарења на политичките партии, но и во врска со личностите што претендираат преку гласот на граѓаните да влезат во парламентот?

default

Осман Кадриу од Правниот факултет на Тетовскиот државен универзитет, оценува:

“Граѓаните немаат доверба во сегашните политички партии, кога гледаат дека истите луѓе се јавуваат повторно. Еве и сега има кандидати, што на пример, четири мандати се пратеници во истиот парламент, во истиот состав. Тоа укажува дека повеќе се нагласува и се тежнее кон остварување на индивидуалните цели и интереси, а да не зборувам за она што е општо познато – збогатување на неоснован и незаконски начин, а сето тоа на грб на државата, на грб на граѓаните.“

Политикологот Мирјана Малевска, коментира:

“Кои се тие луѓе, што направиле, кои се нивните достигнувања, нивниот морален кредибилитет и дали навистина заслужуваат да им го довериме мандатот, да им ги дадеме нашите гласови? Овојпат навистина ме оставија без алтерантива, сите политички физиономии што ги гледам во моментов на политичката сцена, бидејќи многу од нив ги познавам лично. Јас за првпат можеби нема да излезам и да гласам. “

Граѓаните велат дека немаат многу време да им обрнуваат внимание на партиите. Велат зафатени се со сиромаштијата и немаат доверба. Еве дел од нивните оценки:

“Јас мислам дека од се што ветуваат, ни половина не остваруваат и не верувам во кампањата. Што да кажуваат – те лажат.“

“Не чекам ништо од нив. “

“Во ништо не верувам. Се што кажуваат е лага, а особено она што сега го кажуваат. Немаме за кого да гласаме и зошто да гласаме. Народот е без работа, без пари, без се. “

“Тоа не не интересира.“

“Следиме се, но во што да верувам? Досега сме изнамачени.“

Експертите ги анализираат и содржините на политичките програми на партиите за изборите. Мирјана Малевска:

“Вакви програми сме виделе и другпат. Во програмите не ни е кажано ништо ново. И претходните избори беа на некој начин слични. Во политичките опации речиси и нема разлика. Понудата е иста. Не е важно што во една програма пишува на хартија, туку е важно што оние што биле на власт оствариле.“

Професорот Јонуз Абдулаи од Штуловиот универзитет нагласува:

“Овојпат се потребни навистина реални програми со конкретни излезни решенија за животните проблеми на луѓето. Партиите, без оглед од кој блок е партијата, мора да нудат излезни решенија.“

Осман Кадиру укажува на предоминантноста на политиката во програмите и платформите на партиите во албанскиот политички табор:

“Во албанскиот блок, иако тие со нивните конкретни платформи сеуште не се излезени пред граѓаните, и натаму се тангираат прашањата кои се во врска со Охридскиот договор. “

Мирјана Малевска укажува на една појава присутна последниве години во македонската политика – граѓаните, немајќи избор, спонтано реагираат на изборите, не толку со поддршка на новите понуди, туку колку да ги казнат оние од кои биле незадоволни.

Малевска вели:

“Граѓаните треба од две лоши работи да ја изберат помалку лошата. Значи тие не читаат програми туку избираат – дали им било порано полашо кога на власт била опозицијата, или им е сега полошо кога на власт се овие партии. “