1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Да се зборува за се’ освен за името?

Во Стразбур се одржа подготвителниот состанок на делегацијата на ЕП во Мешовитиот комитет ЕУ-Македонија, чиј состанок е закажан за 29 и 30 ноември. Европратениците разменија мислења со амбасадорот на Македонија при ЕУ.

default

Амбасадарот Никола Попоски, за Радио Дојче веле наброја дел од темите за кои ќе се дискутира на Мешовитиот комитет. „Оние приоритети кои ги преокупираат сите земји кандидати и потенцијални кандидати се и кај нас на листата. Значи, борбата против корупцијата, реформите во судството кои имаат земено значителен замав во Република Македонија, но исто така и прашања од типот на еднакви можности за половите, значењето на животната средина.“

Слободата на изразување една од темите

Mazedonien EU-Parlamentarier Jorgo Chatzimarkakis Skopje

Европратеникот Јорго Шацимаркакис

„Ќе треба да зборуваме и за печатот и слободата на изразување, тоа во моментов е многу важно“, додава германскиот Либерал, европратеникот Јорго Шацимаркакис, инаку претседателот на делегацијата на Европскиот парламент за Македонија.

Тој притоа додава дека на Мешовитиот комитет очекува да се разменат мислења и за тоа каков е развојот на ситуацијата откако во јуни се изгуби надежта дека земјата ќе може да ги почне преговорите за членство во ЕУ. Шацимаркакис на состанокот забележа дека за првпат се случува Европската комисија да ја потврдува одлуката дека една земја ги исполнила условите за почеток на преговори. „Сега треба по вторпат да се направат сите напори за да се задржи патот, бидејќи економските показатели се доволно добри.“

Спорот за името неможе да се заобиколи

Нерешениот проблем со името, кој како што потсети германскиот европратеник од редовите на зелените Микаел Крамер, е кочницата за евроатлантската интеграција на Македонија, колку и да сака да се избегнува сепак ќе се најде на дневниот ред. Крамер потсети на сувереното право на секоја земја да си го избира своето име и дека Грција не покажува солидарност во европската политика кон Македонија, бидејќи само таа е против отворањето на преговорите.

Грчката европратеничка Ани Подимата од редовите на ПАСОК, смета дека не треба во Брисел да се дискутира за проблемот со името, за да не усложни процесот на преговорите меѓу двете земји, кој се води на највисоко ниво.

EU Flaggen

„Не сме ние тие кои треба да зборуваат за процесот, бидејќи се гледа дека има напори кои се прават од двата премиери. Тие се среќаваат многу почесто, за што ние сме среќни овде. Климата е подобрена, тоа е првиот чекор и сега треба да следат и резултатите“, вели Шацимаркакис при што нагласува: „Не сме ние, кои треба да даваат препораки, туку тие, двете земји, двете суверени нации се тие кои ќе треба да најдат решение.“

Македонскиот амбасадор Попоски, исто така смета дека Европскиот парламент не е форумот каде овај процес за името се развива, бидејќи тој се дефинира во ООН. „Но интересот кај европарламентарците во контекст на актуелните можност за напредок на Македонија во евроинтеграцискиот процес привлекуваат внимание, несомнено.“

Не треба ни да се сонува дека без решени на името ќе има датум за преговори

Јорго Шацимаркакис не верува дека Европскиот совет може да донесе одлука за отворање на преговори со Македонија, без решение на името. „Не, тоа нема да се промени, тоа добро го знаеме. Дури не треба ни да се сонува.“ Германскиот европратеник со грчко потекло кој веруваше до јуни дека постојат изгледни шанси за брзо решение за спорот со името сега е многу повоздржан: „Можностите сега се на долгорочен период. Сега треба да се чека. Сите го знаат ова, и Атина и Скопје. Тие ризикуваа да ја изгубат оваа можност и затоа сега се наоѓаме во оваа ситуација“.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM