1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Да се биде мигрант во земјата на поети и мислители не е лесно

Германија мора да го промени ставот кон мигрантите во денешниот глобализиран свет. Мигрантите се и збогатување на општеството, на социјалните системи и придонесуваат кон генералната благосостојба, оценува Роберт Шварц.

Мигрантите се повторно во фокусот на вниманието во Германија. Овојпат не станува збор само за дежурните теми - миграција поради сиромаштија и криминал меѓу доселениците, туку за образованието.

Фактите говорат дека Германија, мерено според резултатите на студијата ПИСА за возрасни, е некаде на средината. Виновни за тоа, како што може да се слушне и прочита насекаде во медиумите, се социјално слабите слоеви на општеството, кои се необразовани, или недоволно образовани. И, како што паушално се оценува, виновни се - мигрантите. Оценка дадена едноставно така.

Да сумираме: се вели - мигрантите ги празнат нашите социјални системи, мигрантите се криминалци, мигрантите придонесуваат во голема мера за заглупување на нашето општество. Што ќе си помисли тесноградиот Германец? Една од можностите би била - странците да се вратат назад во земјата од каде што дошле.

Да се навратиме на поновата историја на Сојузната република. По катастрофата што ја остави Втората светска војна имаше Маршалов план со чија помош Западна Германија систематски се обновуваше и градеше. Четириесет години подоцна, по повторното обединување на земјата, воведен е додатокот за солидарност со цел да се санира поранешната ГДР. Тој додаток не е укинат до ден-денес, четврт век по воведувањето.

Deutsche Welle Rumänisch Robert Schwartz

Роберт Шварц, автор на коментарот

На луѓето и на општеството, практично по две диктатури од различен карактер, им беше помогнато дома да најдат излез од социјалната мизерија. Такво нешто, во толкав размер и обем, немаше, ниту има на кое било друго место во светот. И со оглед на тоа што луѓето во Западна и Источна Германија имаа шанса, Германија стана богата и секси. И стана цел на голем број доселеници.

Но, дури и во богатата Германија голем број луѓе живат на маргините на општеството - и мигранти и Германци. Ваквата нивна лоша социјална состојба е тесно поврзана со образованието, сеедно дали станува збор за доселеник или не. Но, мигрантите секогаш паушално се посочуваат како недоволно образувани.

Пример од праксата - децата во Германија при поаѓањето на училиште добиваат прашања за мигрантско потекло, а потоа сето тоа детално се наведува и чува во нивните акти. На прашањето на родителите: „Зошто?“, следува одговорот: „Поради статистика!“ При запишувањето на училиште во преден план не стои евентуалната натпросечна надареност на едно дете, туку неговото мигрантско потекло. Познавам повеќе такви случаи. Децата, во меѓувреме, се меѓу најдобрите, дури и прескокнуваат по некое одделение, но тоа не се појавува во ниту една статистика.

Нешто мора конечно да се промени во креирањето на јавното мислење. Не, не барам разубавување на често катастрофалните состојби во кои живеат, меѓу другото, и мигрантите. Но, би ме радувало ако мојот сосед, тесноград Германец, почесто слуша за некоја успешна приказна, во која учество имаат, види чудо, и мигранти. Тоа можеби ќе ја промени неговата слика за светот. И можеби веќе нема „вината“ да ја бара постојано во странците „кои директно се упатиле во Германија“ (впрочем еден баварец во Хамбург има исто така во одреден степен мигрантско потекло, или?), туку и кај себе.

Земјата на поети и мислители мора да го промени ставот во овој глобализиран свет. Мигрантите значат и збогатување на општеството, на социјалните системи и придонесуваат кон генералната благосостојба. Од друга страна, на социјално слабите, сеедно дали се мигранти или не, мора да им се помогне. За тоа се потребни јасни политички одлуки.

Време е поимот „мигрантско потекло“ да се толкува позитивно. Да бидеме искрени - дали во едно модерно општество, отворено кон светот, е релевантно какво потекло имаме? Да, за сопствениот идентитет е сигурно важно, но надвор од тоа? Важно ли е при запишување на училиште, при вработување и слично? Најверојатно не.

Само мал број луѓе во Германија знаат дека во категоријата „мигранти“ во Германија се вбројуваат сите оние кои по 1955 година се доселиле на територија на денешна Сојузна Република Германија, како и нивните деца и внуци, кои инаку се родени овде.

Бесмислено, констатира мигрантот кој ги напиша овие редови.