1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Да се биде критички новинар во Црна Гора е опасно по живот

Нападите врз новинари во Црна Гора предизвикуваат дежаву. Повторно цел на напади се критичари на власта и повторно сторителите се непознати. Со слободата на печатот во земјата која сака во ЕУ работите не стојат добро.

Новата година почна со стари добро познати вести во Црна Гора. Два напада, кои се случија во рок од само неколку дена, докажаа дека истражувачките и критички кон власта настроени новинари во оваа земја не се безбедни. Прво непознати сторители извршија бомбашки напад врз редакцијата на весникот „Вијести“. Според црногорскиот печат, чудо е што ниту еден од 15-те соработници присутни во редакцијата во време на нападот не е повреден. Само четири дена потоа, во Никшиќ, со безбол палка беше претепана новинарката на критичкиот весник „Дан“, Лидија Никчевиќ (на насловната фотографија). Напаѓачот бил маскиран и останува исто така непознат.

Во текот на изминатите години се случија десетици напади врз новинари, извршени од страна на исто така, како што полицијата тоа го формулира, „непознати сторители“. Видлива е уште една компонента која редовно е присутна - напаѓани се само новинари на медiуми кои се занимаваат со темите корупција, злоупотреба на власта и испреплетеност на политиката и организираниот криминал.

Кристијан Мир, прв човек на германскиот оддел на „Репортери без граници“, за ДВ вели: „Покрај нападите, најголем проблем за слободата на печатот во Црна Гора е и тоа што сторителите не се казнуваат, како и толерантноста на правосудството.“

Поради тоа, Црна Гора на листата на Репортери без граници за слобода на печатот се наоѓа на 113 место, дури и зад Киргистан или Катар.

Работа опасна по живот

Црногорските експерти се сомневаат дека владата е подготвена да ги расчисти нападите врз новинарите. Високите по ранг политичари ги осудија последните напади, но истовремено создаваат клима на неказнување на извршителите. Премиерот Мило Ѓукановиќ, кој на власт е веќе 23 години, нетактично критичките медиуми ги означува како „странски агенти“, а од неодамна го прошири својот вокабулар со поимите „медиумски чудовишта“ и „медиумски мафијаши“.

Montenegro Wahlen Sozialisten Wahlsieger Milo Djukanovic in Podgorica

Мило Ѓукановиќ - недопирлив цели 23 години

„Системот се соголува“, вели Есад Кочан, уредник во независниот неделник „Монитор“. „Тесната поврзаност на организираниот криминал и на режимот стана толку очигледна, што веќе не може да се прикрие од страна на државната пропаганда. Насилството станува секојдневие. Црна Гора може да стане место опасно за живеење“, изјави Кочан за Дојче веле.

Притоа, оценката „опасно по живот“ не е претерана. Во мај 2004 година беше убиен главниот уредник на опозициониот весник „Дан“, Душко Јовановиќ. Но само еден од напаѓачите, кој важи како соучесник, беше осуден на казна затвор од 18 години. Убиецот и оној што го планирал убиството до денес не се фатени. Оттогаш до денес се случија пет бомбашки напади врз соработници на дневниот весник „Вијести“, при што беа уништени повеќе службени возила. Посебно пикантен случај имаше во 2009. година: главниот уредник на „Вијести“, Михаило Јововиќ и еден фотограф беа претепани од синот на градоначалникот на Подгорица и еден негов телохранител кога сакале да го фотографираат неговото погрешно паркирано возило. Притоа, присутен бил и градоначалникот Миомир Мугоша. По долг процес, син му беше осуден на условна казна затвор од 6 месеци. Мугоша пак, мораше да плати парична казна од 400 евра.

Преговорите со ЕУ како средство за притисок

Брисел пред три недели отвори ново поглавје во преговорите на Црна Гора со ЕУ за приклучување. Тоа поглавје се однесува на сферите правосудство, слободи и безбедност. Сето тоа се сфери кои важат за црногорска „Ахилова петица“. Преговарачите на ЕУ многу внимателно ќе ја набљудуваат слободата на печатот во земјата, нагласува Светлана Рајковиќ од црногорското Министерство за правда.

Proteste wegen dem Angriff auf die Journalistin Olivera Lakic aus Montenegro

Протести на новинари во Подгорица, во март 2012 година - на плакатот се напишани имињата на нападнатите колеги

„Меѓутоа, преговорите не зависат од одделни случаи. Наша задача е да спроведеме мерки од Акциониот план и со тоа да овозможиме брзо фаќање и кривично гонење на напаѓачите на новинари“, објаснува таа за ДВ. Според нејзе, особено е важно формирањето на Комисија од претставници на медиумите, на правосудството и на полицијата. Рајковиќ не може да каже зошто досега безбедносниот и правосудниот апарат во земјата биле неефективни во однос на нападите врз новинарите.

Ризикот за критичките новинари во Црна Гора останува голем. Но тие сепак нема поради тоа да ги положат своите пера. Откако претепаната новинарка Лидија Никчевиќ ја напушти болницата со голема зашиена рана на главата, за хрватската телевизија ХРТ изјави дека таа има свое оружје. „Ќе продолжам да пишувам. Тие можат слободно и натаму да употребуваат безбол палки. Јас ќе возвратам со моето перо.“