1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Да не се стигматизираат Ромите баратели на азил од Македонија!

Според Романи Розе, прв човек на Централниот совет на Синтите и Ромите во Германија, Ромите од Македонија азил бараат поради безизлезноста и чувството на дискриминација.

Со есента во Германија веќе неколку години по ред се зголемува и бранот баратели на азил од земјите на Западниот Балкан, пред се’ од Србија и Македонија. И годинава не е поинаку, иако за разлика од порано, во функција е заштитниот механизам и можноста , поради таканаречените „лажни баратели на азил“ Германија да побара привремено суспендирање на безвизниот режим. Барателите на азил од Македонија, исто како оние од Србија и Босна и Херцеговина, се главно Роми кои саканиот статус не го добиваат. Барањата им се одбиваат со образложение дека не ги исполнуваат пропишаните законски услови на загрозена категорија и дека сакаат да ги злоупотребат погодностите кои за прогонетите од светот ги дава Германија.

Ромите од Македонија и Балканот доаѓаат во Германија пред се‘ поради економски причини и во потрага по подобар живот. Дел од нив, по краток период и брза постапка, се депортираат назад. Други, со поднесените приговори ја одолговлекуваат постапката и успеваат во Германија да останат некој месец, да презимат.

Romani Rose, Vorsitzender des Zentralrates der deutschen Sinti und Roma NO FLASH

Ќе се градат ли повторно ѕидови во Европа? Романи Розе

Уредната статистика на германското МВР вели дека почнувајќи од април, бројот на баратели на азил од Македонија е во континуиран пораст (247 барања во април, 421 во јуни, 698 во август, 1.051 во септември).

Опасни тенденции

„Вистина е дека има миграција кон Германија. Ова е врзано пред се’ за бесперспективноста на луѓето во Македонија, Србија, земји кои претендираат на членството во ЕУ. Голем дел се Роми. Но, според мене, вистинската причина за нивното заминување од дома е притисокот и чувството на дискриминацијата. Честопати и изложеноста на расизам со која луѓето се соочуваат и која не може да се поврзе со вредностите на Западна Европа. Затоа сметам дека пред да станат членки на Унијата, овие земји треба да ги расчистат прашањата на правата на малцинствата и ова адекватно да го документираат“, вели за ДВ Романи Розе, претседател на Централниот совет на Синтите и Ромите во Германија.

Како што подвлекува Розе, заканите на германската политика за укинување на визната либерализација поради лажните азиланти е контрапродуктивна, зашто тоа автоматски ќе значи одобрување на одреден третман на малцинствата во државите од каде потекнуваат барателите на азил, а кои не се компатибилни со западните вредности.

„Ние секогаш велевме дека сакаме да се откажеме од поделбата на Европа! Сега во оваа земја некои применуваат политика на закани со која повторно ќе се градат ѕидови“, подвлекува Романи Розе. Според него, луѓето од Македонија, од Србија, од Балканот, кои доаѓаат во Германија, но и во Франција, Италија, Шпанија, сакаат да работат. Често станува збор за сезонски работници, има и негуватели во болници, но и академци.

„Со посочувањето дека тие (Ромите н.з.) сакаат да ја искористат социјалната држава се стигматизира едно малцинство што го сметам за многу опасно, зашто тоа како изговор за прогонување на Ромите го користат десните екстремисти“, коментира за ДВ Романи Розе, претседател на Централниот совет на Синтите и Ромите во Германија.