1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Да не се политизира средбата на Македонците во Трново

Потпелистерското село Трново, денеска по 32-ри пат ќе биде збирно место на Македонците од Егејот. Таму се одржува традиционалната погранична средба.

Здружението на Македонците од Егејска Македонија со седиште во Битола, како организатор и домаќин на тој настан, најави учество на повеќе гости од Македонија и странство и упати јавен апел да не се политизира претстојната манифестација во Трново.

„Не отстапуваме од нашите глобални определби, а тоа значи ќе ја поддржуваме секоја влада што ќе се бори за правата на Македонците и за обезбедување работа за младите луѓе, но исто така ќе бидеме против секоја личност, група или влада која ќе сака да го смени уставното име Република Македонија. Ние сме против дискриминацијата што соседните држави ја вршат на Македонците, и тоа ќе го потврдиме и денеска“, истакна Александар Поповски, почесен преседател на здружението.

Според Андон Чекревски, член на македонското здружение „Виножито“ од Лерин, пограничната средба во Трново треба секогаш да се афирмира, но, како што рече, и панаѓурот во леринското село Овчарани, бидејќи таму се играат и пеат македонски песни и ора.

„Панаѓурот во Овчарани е најголем културен настан на Македонците од Егејска Македонија, кој се одржува уште од 1980-та година. Сме издржале разни притисоци и заплашувања, но ќе продолжиме да се собираме сите Македонци од Леринско, како и други гости. Со наша делегација ќе бидеме в недела и во Трново“, најави Чекревски.

Годинашната погранична средба на Македонците од Егејска Македонија ќе се одржи под мотото „Македонија е вечна“. Средбата ќе биде збогатена со културно уметничка програма на КУД „Гоце Делчев“ - Битола и „Сирма Војвода“ - Прилеп, како и една фолклорна група од Јапонија.