1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Да не се политизира пописот

Македонската влада го утврдила предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите, што ќе се спроведува од 1 до 15 април 2011 година. Пописот ќе го следи и ЕУРОСТАТ.

default

Создадена е потребната правна основа за пописот на населението во Македонија, што ќе се спроведува од 1 до 15 април 2011 година. Владата, како што соопштија денеска на прес-конференција вицепремиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор Абдулаким Адеми и министерот за правда Михајло Маневски, го утврдила предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите.

Пописот ќе го спроведе Државната пописна комисија во соработка со Државниот завод за статистика, а ќе го следи ЕУРОСТАТ.

Mazedonischer Justiz Minister, Mihajlo Manevski

Македонскиот министер за правда Михајло Маневски

Владата ги презема сите мерки за пописот на населението да се одвива во добра атмосфера и законски, со почитување на меѓународните стандарди и препораки на ЕУРОСТАТ, рече Адеми, апелирајќи да не се политизира и партизира процесот.

Успехот на пописот, напомена тој, е успех на секој граѓанин и на Македонија воопшто.

Попишување на македонски и на јазикот на етничките заедници

Министерот Маневски информира дека попишувањето ќе се спроведува на македонски јазик и кирилично писно, а во деловите од земјата каде над 20 проценти се припадници на немакедонска етничка заедница, населението ќе може да се изјаснува по сопствен избор - на македонски јазик или на јазикот на етничката заедница.

Првичните резултати ДЗС ќе ги објави 60 дена по завршувањето на пописот, а конечните најдоцна до јуни идната година.

Abdulakim Ademi

Македонскиот вице-премиер Абдулаким Адеми

Според директорката на ДЗС, Благица Новковска, извршени се сите подготовки за успешно реализирање на оваа, како што рече, најкомоплексна и најсеопфатна активност.

Во мај минатата година е спроведен пробен попис како една од клучните подготвки за старт на официјалниот.

Пописот на населението во Македонија се спроведува секои десет години. Досега се реализирани вкупно осум од кои последниот во 2002 година.

Одговорајќи на новинарско прашање во врска со евентуалната застапеност на албанската етничка заедница што треба да произлезе од пописот, Адеми апелира да не се шпекулира со бројки.

Автор: ЖА/ТТ/миа

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM