1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Да не се повтори

Деновиве во Скопје, Битола и Штип се одбележуваат 70 години од депортацијата на Евреите од Македонија во логорот Треблинка во Полска. Биле депортирани 7.144 Евреи, односно 98 отсто од еврејската популација во Македонија.

Евреите во Македонија биле ценети граѓани, успешни трговци, интелектуалци, лекари, адвокати, професори, музичари. Имале свои семејства, убави домови и живот благодарение на својата работливост и умешност. И покрај окупацијата на Македонија во Втората Светска војна живееле пристоен живот, се‘ до страшната мартовска ноќ на 10 наспроти 11 март 1943 - та, кога окупаторот насилно го  истерал од нивните домови. Евреите од Битола, Штип, Скопје, потоа биле собрани во скопскиот Монопол. Кон крајот на март истата година со товарни возови биле депортирани во логорот на смртта во Треблинка. Потресните документи се единствените неми сведоци за страшната судбина на Евреите од Македонија. 

Само мал дел од нив, кои се приклучиле во редовите на партизанските одреди на НОВ во Македонија или пак биле спасени од некои пријатели и соседи, останале живи за да ја продолжат лозата на своите претци. По војната дел од нив се иселиле во Израел. Денес бројот на Евреите во Република Македонија е 254, или 54 семејства, од кои најголемиот дел живеат во Скопје и по едно семејство во Битола и Тетово.

Еврејската заедница и денес е ценета во Македонија

Семејството на 34-годишниот Рахамин Мизрахи, адвокат по диплома, а успешен бизнисмен во пракса и активен член и портпарол на Еврејската заедница во Македонија, е едно од ретките преостанати Евреи кои живеат во Македонија. Рахамин, со многу гордост, за ДВ раскажува за своето семејство: „Моето семејство Мизрахи при крајот на 15. век, по прогонот на Евреите од кралството Шпанија, заедно со уште многу семејства се населиле на овие територии. Тие живееле на просторот на Старата скопска чаршија, каде што денес се наоѓа Музејот на холакаустот. Пред Втората светска војна семејството Мизрахи броело 84 членови. За жал, по војната преживеал само еден, а тоа е мојот покоен дедо Самуел Мизрахи. Тој во 1943 година се спасил бидејќи бил во редовите на партизанското движење. Негови наследници денеска се моите родители, јас и сестра ми Рашела, која е на докторски студии во Израел.“

Konzentrationslager Treblinka Flash-Galerie Nazi Verbrecher

Овие шини воделе директно во логорот Треблинка

Во Меморијалниот музеј на холокаустот во Скопје во март 2011 се поставени три урни со пепел на македонските Евреи од Скопје, Штип и Битола, убиени во логорот во Треблинка.

 Лилјана Мизрахи, претседател на Фондот на холокаустот во Македонија, еден од иницијаторите на овој проект, појаснува дека „музејот има за цел да го сочува сеќавањето на Евреите од Македонија, но не само да ја комеморира нивната смрт, туку и нивните животи и богата цивилизација и култура која исчезна со нив‘‘.  До крајот на годинава или почетокот на следната, музејот ќе биде збогатен со документи и друг материјал од богатиот културен и економски живот на Евреите од Македонија.

Во соработка со Министерството за образование и наука неколку години се спроведува проект за запознавање на младите од Македонија со холокаустот. Од Еврејската заедница на Македонија за ДВ појаснуваат дека „со  него на младите генерации им се овозможува да научат за страдањата од Втората светска војна како што е холокаустот и опасноста од расна политика“. „Само така младите  можат да извлечат морална порака и на соодветен начин  да се соочат со предизвиците на модерните времиња“, се вели од Заедницата.