1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

“Да и‘ се даде душа на Европа”

Улогата на културата во надворешната политика е тема на конференцијата под наслов “Да и‘ се даде душа на Европа”, што се одржува во Берлин.

Канцеларот Герхард Шредер и претседателот на Комисијата на ЕУ Барозо учествуваа на конференцијата во Берлин

Канцеларот Герхард Шредер и претседателот на Комисијата на ЕУ Барозо учествуваа на конференцијата во Берлин

Културата е она што ја поврзува ЕУ со 25 земји-членки и со 450 милиони жители, согласни се учесниците на конференцијата. “Ние сакаме културната супстанца на Европа да ја ставиме на централен политички и историски дневен ред, и тоа преку границите на досега на сите страни етаблираната културна политика...Станува збор за нејзината политичка сила. Нејзината задача сосем едноставно гласи: да се учи хуман соживот” – рече поранешниот сојузен претседател Рихард фон Вајцзекер на вчерашното отворање на собирот.

Насловот на конференцијата, всушност, е мото на поранешниот претседател на Комисијата на ЕУ Жак Делор. Културата може да гради мостови меѓу источниот и западниот дел на Унијата побргу отколку заедничкиот внатрешен пазар, повеќе отколку насоките во аграрот или финансиите. Дотолку повеќе, што европските вредности не мора допрва да бидат етаблирани во источните соседни држави, за разлика од на пример пазарностопанските структури, нагласи германскиот државен министер за култура Кристине Вајс: “За мене е битно што културниот простор повторно е прооден. Полска, Унгарија, Словачка или Чешка се враќаат во Европа, која според сопственото саморазбирање никогаш и не ја напуштиле. Сепак, на обете страни ние само малкумина знаеме што некогаш не поврзуваше”.

Имено, покрај хуманизмот и просветителството, исто така и искуството од војната и разорувањето, национализмот и диктатурата. Германскиот канцелар Герхард Шредер смета дека европскиот идентитет е одговор на тоа страдање. За европското проширување, што постојано напредува, тоа заедничко искуство е поважно отколку на пример религиозната припадност, оцени канцеларот. “За членство во ЕУ се решава пред се‘ според политички критериуми. Ни во иднина не смее да му биде спречен пристап кон Унијата на оној, кој им соодветствува на европските вредности за демократија и правна држава, заштита на човековите и малцинските права” – зборуваше канцеларот во контекст на темата за прием на Турција во ЕУ. Според Шредер, сега е важно да се етаблира функционална заедничка безбедносно-одбранбена структура, за да може моќно да се крене гласот во смисла на европските вредности. Меѓу нив се вбројуваат и почитувањето на меѓународното право и отфрлањето на војната како средство на политиката, рече тој со алузија на САД, но како дел од европските вредности ги наброја и основните структури на еден европски социјален модел, кој ги гарантира далекусежните права на работниците, пристапот до образование и полова рамноправност. И германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер пледира за прием на Турција во ЕУ.

Новиот претседател на Комисијата на ЕУ Жозе Мануел Барозо повика на култура на толеранција и меѓусебен респект во Европа. Досега на ЕУ премногу еднострано се гледаше само од економски критериуми, но културата има повисоко место на скалата на европски вредности од пазарот, критикуваше Барозо во Берлин. Како чекор за јакнење на европската културна димензија тој се заложи за една “вистински европска телевизиска станица”. За разлика од канцеларот Шредер, Барозо изрично го наведе еврејско-христијанското наследство како дел од европската традиција.