1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

„Да живее новиот крал на тенисот!“

Србинот Ѓоковиќ за првпат во кариерата го освои најпрестижниот тениски турнир - Вимблдон и се искачи на врвот на АТП листата. Бразилката Марта блесна на светското фудбалско првенство за жени.

Serbia's Novak Djokovic lifts the trophy after defeating Spain's Rafael Nadal in the men's singles final at the All England Lawn Tennis Championships at Wimbledon, Sunday, July 3, 2011. (Foto:Kirsty Wigglesworth/AP/dapd)

Ѓоковиќ со победничкиот трофеј од Вимблдон

Новак Ѓоковиќ по триумфот над Рафаел Надал во Вимблдон со еден удар оствари два сона, истовремено стана и крал на најславниот тениски турнир и светски рекет број 1. Србија е во еуфорија и денеска на својот национален јунак му подготвува величествен пречек на платото пред српското собрание. Надал падна на втората позиција со 2.000 поени заостаток зад Ѓоковиќ, а АТП листата од третото до шестото место не претрпи измени. Најголем напредок забележа полуфиналистот од Вимблдон Жо Вилфред Цонга, кој скокна за пет места и сега е 14-ти.

И германските медиуми во денешните изданија не го кријат одушевувањето од играта која ја прикажа Ѓоковиќ во Вимблдон.

Serbia's Novak Djokovic and Spain's Rafael Nadal, right, hold their trophies after Novak Djokovic defeated Rafael Nadal in the men's singles final at the All England Lawn Tennis Championships at Wimbledon, Sunday, July 3, 2011. (Foto:Kirsty Wigglesworth/AP/dapd)

Ѓоковиќ со второпласираниот Надал

„Ѓоковиќ во Вимблдон го одигра тенисот на својот живот: ладнокрвно, со челични нерви и без слабости. Со таквата доминација српскиот тенисер и стави крај на повеќегодишната превласт на Рафаел Надал и Роже Федерер“, пишува неделникот „Шпигел“ во своето интернет издание.

Фудбал - СП за жени во Германија

Блесокот на Бразилката Марта го одбележа второто коло на светското фудбалско првенство за жени, чиј домаќин е Германија. Во победата на Бразилките над Норвешка од 3:0, петкратната добитничка на признанието најдобра светска фудбалерка, постигна два гола, обезбедувајќи му на својот тим пласман во четвртфиналето.

Во вториот вчерашен дуел, Австралија ја совлада Екваторијална Гвинеја со 3:2 и ги задржа шансите за пласман меѓу осумте најдобри.

Денеска на турнирот е слободен ден, а завршните дуели од групите се играат во вторник и в среда. Утре на програмата е и дербито меѓу домаќинот Германија и Франција.

Frauen-Fußball-WM 2011 Brasilien - Norwegen

Бразилките брилјираат во танцовите, но и во фудбалските вештини

Фудбал- Куп на Америка

На Купот на Америка кој се игра во Аргентина, продолжија изненадувањата и натпреварите со малку голови. По почетното реми на домаќинот Аргентина, и вториот голем фаворит- Бразил не успеа да ги освои трите бода во премиерата. Синоќа Бразилците одиграа само нерешено без голови против аутсајдерот, селекцијата на Венецуела. Со истиот резултат заврши и вториот вчерашен дуел меѓу репрезентациите на Парагвај и Еквадор. Денеска на програмата се уште два дуели, Перу игра против Уругвај, а Чиле се среќава со Мексико.

Фудбал- Скандал во Турција

Турската полиција ги уапси првите луѓе на неколку водечки турски фудбалски клубови под сомнение дека местеле натпревари.

Vereine Fenerbahce und Galatasaray

Амблемите на Фенербахче и Галатасарај

Во полициската операција, што почна вчера, истовремено во 15 провинции низ земјата, приведени се околу 60 менаџери и администратори на водечките фудбалски клубови во земјата, како и играчи. Меѓу најзвучните имиња се претседателот на актуелниот првак Фенербахче и потпретседателот на вицешампионот Трабзонспор, а меѓу приведените се и претставници на клубовите Сиваспор, Ескисехирспор и Генчлербирлиги.

Турските медиуми јавуваат дека под истрага за нерегуларности се два меча на Фенербахче одиграни кон крајот на сезоната.Фудбалската федерација на Турција засега се воздржува од коментар за скандалот, додека тамошните политичари ја поздравија акцијата.

Доколку судот ја потврди вината на обвинетите, тие се соочуваат со долгогодишни затворски казни, а нивните клубови со преселба во понизок ранг на натпреварување. Слична акција, турската полиција изведе и минатата година, кога беа уапсени 50-ина фудбалски работници, но тогаш воглавно се работеше за помалку звучни имиња.

Автор: БГ/дв/ртр/дпа

Редактор: Горан Чутаноски