1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Дајмлер“ се извлече со 185 милиони долари

Американски суд ја одобри спогодбата за вонсудско решение на спорот околу случаите на корупција во американското претставништво на германскиот авто-производител „Дајмлер“. Компанијата ќе изброи 185 милиони долари.

default

Американскиот портпарол на претпријатието, Хан Тјан, реагираше со олеснување при напуштањето на судницата: „Многу сме задоволни од постигнатата спогодба со американското министерство за правда и одборот за надзор на берзата. Со ова, случајот за нас е завршен.“ Со срдечно „благодарам“, портпаролот замина од судот, без да открие повеќе детали.

Спогодбата за вонсудско решение на спорот ќе го чини автомобилскиот концерн 185 милиони долари. Освен тоа во наредните три години поранешниот шеф на ФБИ, Луис Фри ќе го надгледува одвивањето на бизнисот кај „Дајмлер“, за на некој начин да гарантира дека случаите на корупција ќе останат во минатото.

Судијата Ричард Леон првенствено имаше пофални зборови за концернот. Компанијата од Штутгарт сфатила дека направила грешка и ги презела вистинските чекори за надминување на проблемот. И државниот обвинител Марл Менделсон беше задоволен од постигнатиот договор: „Правдата денеска е задоволена“, истакна тој и додаде: „Претпријатието се обврза дека во иднина ќе работи чисто и законски.“

Одмори и луксузни автомобили за подобро куповно расположение

LKW Fabrik Daimler in Wörth

„Дајмлер“ продал шест илјади товарни возила и автобуси, подмитувајќи владини претставници

Судскиот процес околу оваа афера со години се одвиваше зад кулисите, откако во 2004 година еден поранешен вработен во „Дајмлер“ го обвини концернот за подмитување. Цели десет години, признава „Дајмлер“, компанијата си обезбедувала профитабилни договори, поткупувајќи владини претставници во 22 земји, меѓу кои Русија, Кина, Индонезија, Египет и Грција.

Според информации на американското министерество за правда, преку 65 милиони долари завршиле во темни канали. Се претпоставува дека на овој начин била обезбедена продажбата на преку шест илјади товарни возила и автобуси и околу петстотини луксузни лимузини. Понекогаш желбата за купување на муштериите била поттикнувана и со вредни подароци, како на пример скапи одмори, или, пак, луксузни автомобили.

Иако казната што треба да ја плати „Дајмлер“ е прилично висока, 185 милиони долари се далеку помалку од осумстотини милиони долари, колку што мораше да плати уште еден германски концерн „Сименс“, по налог на американските судови.

Автор: Ридигер Паулерт / Трајче Тосев

Редактор: Симе Недевски