1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Дачиќ доби поддршка од САД за евроинтеграциите

По посетата на Вашингтон и средбите со американската администрација, српскиот премиер Ивица Дачиќ изјави дека САД ќе се заложат за српските евроинтеграции.

Претседателот на Владата на Србија Ивица Дачиќ, во Вашингтон изјави дека американската администрација изразила поддршка за српските евроинтеграции и ќе го употреби своето влијание во текот на јунскиот совет на Европската Унија. Дачиќ вчера (15.05) во Вашингтон се сретна со потпретседателот на САД Џо Бајден и со заменикот државен секретар Вилијам Барнс.

„Забележително е дека на Србија се гледа со поинакви очи откако беше постигнат тој договор со Приштина. Како што рече потпретседателот Бајден, САД цврсто ги поддржуваат српските евроинтеграции, Бајден рече дека за стабилноста на Европа е потребно Србија да биде дел на ЕУ, а со тоа и политичкиот и безбедносниот интерес на сите е Србија да биде дел на европските интеграции. Доколку реално биде договорен план за имплементација на договорот, САД ќе го вложат своето меѓународно влијание државите членки на ЕУ да донесат одлука за определување датум за почнување на преговори за членство на Србија“, изјави Дачиќ, кој рече дека следниот чекор е имплементирање на договорот меѓу Косово и Србија за статусот на северните косовски општини населени главно со етнички Срби.

По состаноците, Белата Куќа соопшти дека „САД се посветени на силното и растечко билатерално партнерство со Србија“. Потпретседателот Бајден ја истакнал важноста од брзо спроведување на постигнатиот договор со Приштина.

Дачиќ рече дека во текот на имплементацијата на договорот и Србија ќе отвори дополнителни прашања, како што е враќањето на бегалците од Косово. Посетата на Дачиќ доаѓа во време кога косовската претседателка Атифете Јахјага ја откажа веќе најавената посета на Вашингтон.

„Разменивме мислења и за состојбата во регионот. Многу е важно регионот да биде регион на мир и на европски вредности и затоа позитивно се оценети сите чекори во таа насока. Јас не знам што мисли Европската Унија, јас знам што е наш интерес, а тоа е сите држави од регионот да одат по европскиот пат. Тоа е еден од начините за целосна нормализација на односите на Балканот. Што се однесува до Србија, таа апсолутно ги поддржува европските интеграции на сите земји од поранешна Југославија и мислам дека тие земји треба меѓусебно повеќе да соработуваат и да разменуваат искуства и да се почитуваат меѓу себе, изјави Дачиќ.

Дачиќ во текот на посетата на САД организираше повеќе бизнис средби, а денеска во Вашингтон треба да се сретне и со претставници на Меѓународниот монетарен фонд.