1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Датум, зелено светло или нешто трето?

Датум, условен датум, зелено светло за технички преговори – вакви одговори земјите-членки на ЕУ би можеле да испратат до Србија за три недели. Во предвечерјето на состанокот ќе се изјасни и Бундестагот.

Сите земји кои во последните десет години и’ се придружија на Европската унија имаа специфичен пат. Непишано правило единствено е дека патот кон ЕУ станува се’ потежок и подолг. Хрватска до пристапните преговори дојде преку речиси едногодишно „условено одложување на датумот“ поради „хашкото прашање“. Во случајот на Црна Гора, земјите-членки на Европската комисија и’ дадоа зелено светло да почне со подготовка на работната рамка за преговорите да почнат за шест месеци, како што и се случи во јуни минатата година. Хрватите на почетокот на своите преговори сметаа дека тие ќе траат околу три години, како во случајот на Словачка, Литванија и Летонија. Преговорите на Загреб со Брисел траеја двојно повеќе.

Пред преговорите работна рамка и скрининг

Кое сценарио ќе ја пречека Србија на Видовден, кога ќе се состанат шефовите на држави од ЕУ, тоа во овој момент не може никој да го каже. Во Европската комисија повторуваат дека секоја земја е специфична, има различни ситуации, контекст и околности.

Peter Stano Pressesprecher der EK für Erweiterung und Nachbarschaftspolitik

Петер Стано, портпарол на еврокомесарот Штефан Филе

„Имаме различни сценарија. Патот на секоја земја е различен“, вели Петер Стано, портпарол на комесарот за проширување. „Постои одлука за започнување на преговори веднаш или може да се одлучи да се почне со скрининг со намера преговорите да започнат на некој подоцна одреден датум. Она што е специфично за Србија е дека се’ уште не е започнат процесот на скрининг, но тоа би требало да биде одлучено до крајот на овој месец“, додава Стано.

Скринингот всушност значи споредување на домашното законодавство со европските стандарди и дефинирање на неопходните промени. Во Европската комисија нагласуваат дека Србија веќе присуствувала на скринингот за Црна Гора и дека има искуство во тоа поле. Претходно, за почетокот на преговорите, неопходно е Европската комисија да изработи преговарачка рамка, која мора формално да им ја претстави и на земјите членки. Тоа значи дека и ако Србија веднаш добие датум, преговорите процедурално ќе мораат да почекаат одредено време.

Ќе пресуди политичката волја

Во овој момент во Брисел не сакаат да шпекулираат каков ќе биде јунскиот одговор на Европскиот совет до Белград. И натаму се зборува за успех во дијалогот со Приштина, но се чекаат и конкретни докази за примена на бриселскиот договор. Во Европската комисија велат дека тие својот став го изнеле во април, кога беше дадена препораката за отворање пристапни преговори за членство со Србија.

„Ние сме спремни да подготвиме работна рамка, да почнеме скрининг, да влеземе во целиот процес со Србија, кога земјите-членки ќе одлучат кога и како“, вели Петер Стано.

Во дипломатските кругови во Брисел може да се слушне и информација дека и европските министри, кои ќе се сретнат на 24-ти и 25-ти јуни во Луксембург и кои би требале да ја подготват одлуката за Европскиот совет, нема да можат да одлучат пред 27 јуни. Тогаш конечно ќе се изјасни и германскиот Бундестаг.