1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Данска ќе го брани трофејот на ЕП

Актуелниот европски првак Данска игра против олимпискиот шампион Франција во финалето на Европскиот турнир во Данска. Данците синоќа ја совладаа Хрватска, додека Франција беше подобра од Шпанија.

Репрезентацијата на Данска ја победи Хрватска во полуфиналето на Европското ракометно првенство и доби можност да го брани трофејот освоен на шампионатот пред две години. Домаќините славеа со 29:27 и се изборија за своето трето финале на европските првенства.

На синоќешниот дуел во Хернинг одигран пред 14 илјади гледачи Хрватска водеше во текот на целото прво полувреме, а по 30 минути игра беше 15:13 за Хрватска.

Данска во првиот дел имаше шест грешки, а Хрватска само една.

Клучниот момент кога се случи пресвртот беше почетокот на вториот дел. Хрватска со два играчи повеќе не реализира два напада, ударите на Чупиќ ги одбрани Ландин, а хрватското крило не реализираше и пенал. Тоа го искористија Данците и за првпат поведоа во 36.минута. Водството потоа знаеја да го сочуваат до крајот, иако Хрватите во неколку наврати намалија и на еден гол разлика. Најефикасен на натпреварот беше Егерт со 8 голови, а голманот Ландин заврши со 15 одбрани. Кај Хрватска Копљар и Хорват постигнаа по 6 голови.

Селекторот на хрватската ракометна репрезентација Славко Голужа упати низа критики кон односот на домаќинот кон „коцкестите“.

„Домаќините направија сѐ да не елиминираат. Секоја ситница одеше во нивна корист, а ние живеевме како животни. Не шетаа во три града, а додека стигнавме во Хернинг не можевме ниту пристојно да се наспиеме“, изјави хрватскиот селектор. Голужа се пожали и на судењето.

Претходно, актуелниот олимписки првак Франција забележа победа над светскиот првак Шпанија со 30:27 (12:14), во првиот полуфинален меч. Абало со осум, Порт со седум, односно Нарсис и Гигу со по пет голови ја предводеа Франција до победата над големиот ривал. Француските голмани Димулен и Омејер заедно искомбинираа 16 одбрани.

Во шпанската репрезентација одново потфрлија голманите Сиера и Перез, заедно одбранија седум удари. Најефикасен кај „црвената фурија“ беше Канељас со 12 голови, Агинагалде постигна пет, а Ентрериос четири голови.

ЕП завршува в недела со натпреварите за медали. Од 15 часот е дуелот за 3.место Хрватска – Шпанија, а финалето Данска – Франција во 17 часот и 30 минути.