1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Данска е жална епизода, денеска против Полска

Европското ракометно првенство во Србија, драматичниот пораз на Македонија од Данска и натаму е неодминливата тема во јавноста. Денеска следи дуелот против Полска.

default

Од натпреварот Македонија - Чешка на ЕП во Србија

Жал за пропуштеното... !Неверување...! Медиумите преплавени со текстови за драмата против Данска и за спортската среќа, која одново ја напушти репрезентацијата на Македонија на Европското ракометно првенство.

Поразот од Данска, доживеан наспроти секоја спортска логика, причина е за да се обвијат со тага срцата на илјадниците Македонци, кои се кренаа на пат во Белград и салата „Арена“ ја обоија во црвено-жолта боја.

За Горан Ѓоргоновски, довчерашен стандарден репрезентативец, македонската ракометна рапсодија против Данска остана недовршена: „Мислам дека првото полувреме од натпреварот против Данска е најдоброто, што Македонија некогаш го одиграла. Тоа беше перфектно прво полувреме, а ако може да се бара причината за конечниот неуспех, тоа е само лошата среќа.“

Ivan Bojkov

Иван Бојков

Иван Бојков, долгогодишниот ракометен работник, е импресиониран со играта на Лазаров, но е и со размислувањето, дали беше неопходно да се брка победнички гол?

„Во целина Македонија добро го одигра натпреварот. Штета е, што фантастичната игра на Лазаров, не заврши со добар резултат. Тоа што тој одигра, ретко може да се види. Но, мислам дека освен спортската среќа која на крајот не напушти, според мене требаше да ни биде доволен бод за пласман во разигрувањето, бидејќи само теоретски можевме да се бориме за место во полуфиналето. Така, требаше до крај да го сочуваме последниот напад и да освоиме драгоцен бод против Данска.“

Генерација за високи дострели

Нашите соговорници се едногласни дека Македонија на Европското првенство игра висококвалитетен ракомет:

Goran Gjorgjonoski ehemaliger Handball Nationalspieler Mazedoniens

Горан Ѓоргоновски

Ѓоргоновски е со комплименти за прикажаното: „Единствениот збор со кој би го опишал настапот на нашата репрезентација е –фантастичен! Од првиот натпревар, без разлика на резултатите, ние бевме во ситуација да победиме. Ова е вистинската зрелост на оваа генерација наши ракометари. Генерација, која не го кажала последниот збор.“

И за Бојков ова е генерација и за иднината: „Во секој случај и покажавме на ракометна Европа дека игравме и играме рамноправно со сите. Дека поседуваме селекција со квалитет кој ќе биде присутен и во наредните години.“

Поразот во заборав, предуслов за успех над Полска

Денеска Македонија и излегува на мегдан на Полска, селекција од светскиот врв, но која Македонија ја порази во последниот меѓусебен натпревар на Мондијалот во Хрватска. И Ѓоргоновски и Бојков стравуваат од психолошкиот момент во македонскиот тим.

Sport Handball EM Schweden gegen Mazedonien

Во Белград повторно се очекува голема поддршка од трибините

„Иако, Пољаците во натпреварот против Шведска се вратија од големата негатива во првото полувреме, според мене со атмосферата кај нив нешто не е во ред. Тоа треба да се искористи. Кога би знаел во моментов каква е атмосферата во нашиот тим, дали поразот од Данска се реперкуира врз психичката состојба на нашите играчи, што е веројатно, би можел да прогнозирам“, вели Горан Ѓоргоновски.

„Полска ја гледав во два наврати. Има неспорен квалитет, но мислам дека игра со многу осцилации. Оптимист сум, доколку несреќниот пораз од Данска не оставил траги врз македонските репрезентативци“,заклучува Иван Бојков.

Одговорот доаѓа од Белград. Пораката од македонскиот капитен Кире Лазаров е: „Горди сме на себе. Ние сме професионалци, одиме храбро натаму, не сакаме да ги изневериме сите, што не поддржуваат“.

Натпреварот против Полска е во 16 и 20 часот. Македонија и денеска ќе има поткрепа од голем број на навивачи во Белград.

Автор: Златко Калински

Редактор: Александра Трајковска