1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Даночната и финансиската политика на германските партии

Германија во моментов нема пари. Иако актуелниот министер за финансии од самиот почеток на својот мандат пропагираше штедење, долговите се зголемуваат. Какви се финансиските и даночните изборни планови на германските партии?

Германските политичари жешко разговараат за даночната политика

Германските политичари жешко разговараат за даночната политика

Драматичниот раст на државниот долг веќе одамна ги урна сите надежи на германските граѓани дека по парламентарните избори ќе плаќаат помалку даноци. Владејачката коалиција на Социјалдемократите и Зелените и опозиционите ЦДУ, ЦСУ и Либералите, во своите партиски програми ветуваат даночни олеснувања, но шефицата на Христијанско Демократската Унија и кандидат за канцелар Ангела Меркел веќе сега ги намалува превисоките очекувања:

„Ќе воведеме едноставен и праведен даночен состав, со акцент на едноставноста. Но со даночната платформа која ќе ја предложиме и со нејзините главни делови, ние не можеме да им ветиме на граѓаните помали оптоварувања„

Опозиционата Унија за 2007 година планира голема даночна реформа, со која почетната даночна стапка би се намалила на 12% а максималната на 39% од приходите. За возврат во рок од шест години би се укинале даночните олеснувања и другите субвенции, како на пример, ослободување од данок за ноќниот труд, неделниот или празничниот. За полесно и поефикасно спроведување на реформата Унијата сака да го зголеми данокот на додадена вредност од сегашните 16, на 18%. Со ова од партијата сметаат дека во државната каса би се влеале дополнителни 16 милијарди евра. Со ова партиите од Унијата, ЦДУ и ЦСУ сакат да се намали и стапката на осигурување во случај на невработеност, од 6,5 на 4,5%. Ангела Меркел вели:

„Зголемувањето на данокот на додадена вредност само заради финансирање на пресметките би било огромна грешка. Но тоа е решение за намалување на трошоците за плати, бидејќи ДДВ во контекст на глобализацијата дури и го штити германскиот пазар и не дозволува да се соочи со уште поголемо пазарно натпреварување. Истовремено, тој данок е индиректен, а тоа значи дека тој директно не влијае на трошоците за труд“

Зголемувањето на ДДВ не го отфрлуваат само СПД- Социјалдемократите и Зелените, туку и ФДП-Либералите. Гидо Вестервеле, шефот на оваа партија во последно време често ја провоцира Унијата со изјави, како на пример: „ Ќе биде многу тешко Унијата да се врати на патеките нас пазарната економија„. И генералниот секретар Дирк Нибел појаснува дека ФДП, партија која важи за можен коалициски партнер со Унијата, има поинакви планови:

„ Не сакаме и не ни е потребно зголемување на данокот на додадена вредност. Таа идеја нема да ја поддржиме. Либералите се единствената партија во Германија која во предизборната кампања не одат со идеја за зголемување на даноците. Со нашиот даночен концепт и идејата за укинување на субвенциите и разните давачки, како и структурните промени во државната администрација, пресметавме дека даночните обврзници и претпријатијата во нашата земја би можеле да плаќаат помалку данок. Притоа нема потреба од зголемување на индиректниот данок како што е ДДВ„

Даночните планови на на Унијата и Либералите наидуваат на остра критика од страна на владејачкатѕа црвено зелена коалиција. Партијата на Зелените не се согласува со натамошно намалување на даночните стапки, но сака, токму како и Социјалдемократите, да ги растовари фирмите, нагласува претседателот на партијата, Рајнхард Битикофер:

„ Работењето на претпријатијата и во иднина сакаме да го оданочуваме со ниска стапка, но го сметаме за чесно и одговорно зголемување на даночната стапка за граѓаните со високи примања„

Горната даночна граница би изнесувала 45%, а даночните олеснувања за брачните парови би се укинале за сметка на индивидуалното оданочување. СПД сака да ги задржи олеснувањата за брачните парови. И тие во својата програма најавуваат повисоки даноци за богатите, план зад кој стои и сојузниот канцелар Герхард Шредер:

„ Мислам дека е во ред брачните другари кои годишно заработуваат 500.000 евра да даваат свој придонес во инвестирањето во образованието, истражувањето и развојот како и грижата за малите деца. Значи да придонесат во извршувањето на важните задачи на нашата земја„

Во својата изборна програма СПД најавува и укинување на субвенциите и за претпријатијата. Ова го заговара и левичарската партија, која најавува пред се зголемување на дфанокот за сите кои заработуваат подобро. Улрих Маурер, носител на листата на оваа партија во сојузната покраина Баден Винтемберг вели:

„Во овој момент во Германија има 400 милијарди приватен капитал и 1550 милијарди евра државен долг. Тоа значи дека постои огромен јаз во корист на богатите луѓе, и истовремено намалување на примањата на оние кои мораат да живеат од пензија или свој труд. Повеќе од потребно е да се бори против таквиот развој“

Левичарската партија сака да зема од богатите и да им дава на сиромашните. Даноците за оние кои годишно заработуваат до 12.500 евра би се намалиле на 15%, а за возврат сите оние кои имаат годишна заработувачка поголема од 60.000 евра во иднина, би плаќале 50, наместо 42% данок.