1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Даночен хаос во ЕУ

Политичари и економски експерти се’ погласно протестираат против ткн. „даночни оази“. Оценките се дека нерегулираниот данок на ниво на ЕУ им предизвикува штета на индустриските земји. В среда ЕУ ќе расправа на оваа тема

Се’ во Европа е најпрецизно регулирано. На пример, бојата на јаболката. Или големината на портокалите. Само кај даноците секој си прави што сака.

Во Германија, на пример, претпријатијата плаќаат данок на добивка од 29,5 проценти. Во кнежевството Лихтенштајн тој данок е само 12,5 проценти. И Ирска се обидува со ниски даноци да привлече компании. Кипар, пак, нуди даночна стапка од одвај 10 проценти. Не е ни чудо што парите се префрлаат од една земја во друга, секогаш во потрага по најповолните услови.

„Во време на глобализација постојат различни бизнис модели. Еден од тие модели е германскиот. Ние продуцираме добра и му ги продаваме на светот. Кипар има слабо развиена преработувачка индустрија и никогаш нема да биде конкурентен, па се концентрира на две бранши: туризам и даночна оаза“, вели Хериберт Дитер од Фондацијата „Наука и политика“.

Па така на малиот остров Кипар, на периферијата на Европа, се натискаа најголемите светски фирми за даночен консалтинг. Тие секогаш се грижат да го пронајдат најповолниот даночен модел за своите клиенти.

Томас Ајгенталер од германскиот синдикат на даночни обврзници веќе подолго време се лути поради даночните оази. Интернет е преполн со понуди за префрлање во странство на пари заработените во Германија. Кај овој понудувач можете да регистрирате фирма на Кипар веќе за околу две илјади евра.

„Многумина затајувањето данок одвај да го сметаат за прекршок. За претприемачите тоа е само прашање на добивка од капиталот. Но, мислам дека сите мораме да се обидеме да дефинираме дека даноците се еден вид цена. Цена за единство, правда и слобода. Оваа прекрасна држава Германија ја побарува својата цена и тоа мораат да го имаат предвид и поединците и фирмите. Ништо нема без цена“, објаснува Томас Ајгенталер од Германскиот синдикат на даночни обврзници.

Даночна битка во ЕУ

Luxemburg Stadt Ansicht

Луксембург е најголемата даночна оаза во срцето на Европа

Даночните оази живеат од постојан прилив на свежи пари, кои потоа им недостигаат на другите земји. Поради намалениот приход од даноците во многу држави потоа нема пари за улици, училишта, болници... Во прашање е разорна даночна битка во срцето на Европа, економска зона која всушност сака да биде единствена.

„Има добри причини да се каже: Тоа не е фер. Би требало да се одреди барем минимална даночна стапка. Оти, работата стои вака: добивките кои на Кипар се оданочуваат со ниски стапки, честопати се остварени во другите делови на еврозоната. А тоа е неумесно. Тоа е оштетување на државите, кои преку продукцијата на добра и услуги создале вредности, кои потоа не се даночат таму, туку во даночните оази“, вели Дитер.

Штетите се огромни: европските државни благајни губат илјада милијарди евра годишно, проценува еврокомесарот за даноци.

Поради тоа, се’ погласни се барањата да се изедначат даночните стапки во рамките на Унијата. Кипар е првата земја која ќе мора да го промени својот бизнис модел. Можеби тоа е и почетокот на крајот на даночните оази во Европа?