1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Данок на „младешки гревови“ - истетовиран кукаст крст

Поради истетовиран кукаст крст, бас-баритонот Евгени Никитин ја откажа својата улога на музичкиот фестивал во Бајројт. Русинот требаше да ја има главната улога во „Летечкиот Холанѓанец“ на Рихард Вагнер.

„Човек не проверува што има некој под кошулата, ние ангажиравме глас“, изјави Петер Емерих, портпарол на музичкиот фестивал во Бајројт.

Притоа, бојата на кожата и националноста не играат улога.

Пејачот меѓутоа во интревју за Дојче веле тврди дека пред една година бил замолен да ги фотографира своите тетоважи и да ги испрати до Бејројт, што тој и го направил. Првично Никитин мислел дека тетоважата ќе биде „уметнички интегрирана“ при режијата.

Јавно и зад кулисите сега врие од шпекулации. Дали други фактори играле улога во ненадејното откажување на услугите на рускиот пејач? Дали постоеле уметнички недоразбирања со режисерскиот тим? Дали во Бајројт не биле задоволни од капацитетот на пејачот? Или пак тој самиот не се чувствувал способен да ја издржи премиерата на 25, јули?

Evgeny Nikitin

Евгени Никитин

„Страв ми е од Бајројт, зашто таму сигурно нема милост, тоа за мене е тежок испит“, изјави Никитин во интервју за Дојче веле на почетокот на јуни.

Данок на младешките денови

Кукастиот крст, во Германија забранет симбол, е со големина на дланка и видно лаички истетовиран на десната страна на градите на Никитин. Над него има нови тетоважи во боја, кои не го покриваат целосно стариот мотив. Кукастиот крст јасно се распознава на видео снимено пред шест години. Тоа го прикажува пејачот со голи гради и избричена глава како свири на тапани. Германската телевизија, втора програма, објави прилог со секвенци од ова видео. Тетоважата со кукастиот крст е направена во раната младост, вели Никитин, кога „многу порадо бил на улица и направил многу грешки“. Пејачот очигледно ги потценил последиците на овие „младешки гревови“.

Бунтовна провокација?

Евгени Никитин е роден во 1973. година во Мурманск, град зад Поларниот круг, каде сонцето во зима на минус 20 степени воопшто не се појавува. Никитин во интервју за Дојче веле изјави дека како момче за време на поларната ноќ страдал од силни депресии и ја „открил рокмузиката како противотров“. Тоа било во „дивите 90-ти“, по распадот на Советскиот сојуз. Многу млади луѓе бегале од реалноста, оделе во странство. И во Русија, земја чиј најголем национален мит е „победата над фашизмот во големата татковинска војна“, нацистичката симболика била табу. Токму затоа таа за многу млади била сигурно средство за провокација на родителите и јавноста.

Evgeny Nikitin Fliegender Holländer Theater Sankt Petersburg

Никитин во улогата на „Летечкиот Холанѓанец“

Таткото на Никитин, диригент, успеал преку врски на својот син да му обезбеди место на Конзерваториумот во Санкт Петерсбург. Никитин многупати сакал да го прекине студирањето, се‘ додека неговиот талент не го открил диригентот Валери Гергиев и не го донел во театарот Марински. Во меѓувреме тој има речиси 40 години, успешен пејач и татко на два сина.

Скандал во Бајројт?

Уште следниот ден по емитувањето на прилогот на германската телевизија Евгени Никитин разговарал со раководството на музичкиот фестивал во Бајројт. Веднаш потоа го раскинал договорот и си заминал. Сензибилитетот во врска со нацистичката симболика во Бајројт е голем. Крајно, музичките дела се изведуваат во истата зграда каде Адолф Хитлер имал свое престојувалиште. Музичкиот фестивал Бајројт не сака да се навраќа на ова минато.

Катерина Вагнер најави „целосно расветлување на нацистичкото минато“ и отворање на домашните архиви. Оваа сезона во Бајројт ќе биде прикажана изложбата „Замолчени гласови“, тема е антисемитската окупациона политика на музичкиот фестивал во Бајројт во нацистичкото време.