1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Данок на мегаломанијата-од престижен објект до банкрот!

Нирбургринг, автомобилската писта позната во цел свет, веројатно кон крајот на месецот ќе мора да прогласи банкрот. Нирбургринг така потонува во мегаломанските планови на покраинската влада.

Уште од своето отворање во 1927. година Нирбургринг им влеваше стравопочит на возачите: не само поради својот злокобен „северен свиок“, туку и поради големата висинска разлика на пистата која поминува низ ридовите на Ајфел од 300 метри, па легендарниот Џеки Стјуарт ја нарече „Зелен пекол“. Оваа писта не допушта грешки-списокот несреќи на Нирбургринг е долг, пистата бара само најдобри возачи. Но токму затоа не престануваа ни трките, а за посетителите пистата беше посебно доживување. Покраинската влада на Рајнланд Пфалц на социјалдемократскиот премиер Курт Бек тоа и‘ се стори како гаранција и за деловен успех на оваа спортска легенда, сместена токму во длабока провинција, прилично далеку од било кој поголем град. Уште повеќе што Нирбургринг во Германија имаше конкуренција, Формула 1 наизменично се вози на Хокенхајмринг во покраината Баден Виртемберг, а и одговорните на Заксенринг на истокот на Германија радо би ги „продале и таткото и мајката“ за да ги доведат најдобрите возачи на светот на својата писта.

Nürburgring

Затоа владата во Мајнц се реши на голем проект за посетителите на Нирнбург да остават што повеќе пари. Во 2007. година започна проектот неречен Нирнбургринг 2009 според кој требаше да биде изграден забавен парк, ексклузивен хотел, нова трибина. Новоуредената писта е отворена уште во рокот, иако уште оддалеку не биле готови сите згради кои требаше да бидат изградени.

Токму тоа е проблемот-парите. Покраинскиот политичар ја уверуваше јавноста дека трошоците ќе ги сноси приватен инвеститор, но тој се откажа од проектот. Така се случи во проектот да отидат околу 350 милиони евра пари од граѓаните-плаќачи на данок, но ни тоа не е крај на скандалот кој веќе го чинеше функцијата покраинскиот министер за финансии Инголф Дојбел. Набрзо потоа во 2009. година беше отпуштен и раководителот на Нирбургринг, Валтер Кафиц.

Кој знае што се случувало?

Deutschland Motorsport Nürburgring Truck-Grand-Prix

Некогаш омилена писта...

Во потрага по пари и инвеститори очигледно одговорните се впуштале во вратоломни потфати далеку од дозволеното. Уште 95 милиони евра покраински пари отишле во Лихтенштајн за пред непознати партнери во Дубаи да се докаже кредибилитетот на покраинската влада , а цела низа други потези сега се обидува да ги разјасни државното обвинителство. Но, тоа не е се‘, многу од проектите во рамките на Нирбургринг сега зјаат празни.

Последниот клинец во ковчегот на Нирбургринг стигна од Брисел. На Европската комисија одамна и‘ беше сомнителна големата инвестиција на германската покраина во спортскиот полигон, која всушност, како и самата Формула 1 е изложена на законите на слободниот пазар. Така од ЕК стигна забрана во Мајнц покраината и овој месец да ја помогне фирмата Нирбургринг со уште 13 милиони евра. Во покраината веќе е јасно-се работи за голем скандал, иако покраинскиот премиер Курт Бек не сака уште да ја преземе не само финансиската (со туѓи пари) ниту политичката одговорност за мегаломанскиот проект и за одлуките од Брисел ја окривува ЕК, која наводно „прво покажала наклоност кон новата помош а сега со забраната ги смалува можностите за делување на покраината Рајнланд Пфалц“.