1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Дамаск повторно под контрола на армијата

Сириската војска соопшти дека повторно воспоставила целосна контрола врз главниот град Дамаск. Германската влада и натаму исклучува воена интервенција во Сирија.

Висок офицер на сириската армија пред новинарите во Дамаск изјави дека во градот повеќе нема вооружени групи и оти ситуацијата е стабилна. Армијата, според неговите зборови повторно ја има целосната контрола во градот.

Иранската новинска агенци ИРНА наспроти тоа јави дека непознати вооружени лица во Дамаск киднапирале 48 аџии од Иран. За нивната судбина досега не се знае ништо, но се верува дека биле грабнати на пат кон меѓународниот аеродром во сирискиот главен град. За разлика од Дамаск, борбите во Алепо продолжуваат.

Во двата најголеми градови во Сирија до неодамна беше мирно, но по бомбашкиот напад од 18 јули, во кој загинаа четворица блиски соработници на претседателот Башар ал Асад, почнаа жестоки битки во Дамаск, а потоа и во вториот по големина сириски град Алепо.

Светските новински агенции повикувајќи се на изјави на очевидци известија дека силите на режимот на сирискиот претседател вчера во нападите на позициите на бунтовниците во Дамаск и во Алепо употребиле артилерија, авиони и воени хеликоптери. Владините борбени сили го нападнале квартот Салахедин во Алепо, кој претставува влез кон 2,5 милионскиот град.

Германија и натаму против воена акција

Германската влада и по оставката на специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Кофи Анан и натаму ја исклучува можноста за воена интервенција во земјата. Министерот за одбрана Томас де Мезие во изјава за весникот „Велт ам Зонтаг“ истакна дека „неуспехот на дипломатијата не мора автоматски да води кон почеток на воена акција“.

„Горко и фрустрирачки е да се гледаат убиствата во Сирија. Меѓутоа испраќањето на неколку десетици илјади војници во Сирија во моментов не е ниту изводливо, ниту оправдано“, изјави Томас де Мезие.

Поради тоа германската влада продолжува да пружа хуманитарна и логистичка поддршка на припадниците на сириската опозиција, додаде министерот.