1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Дали Whatsapp навистина вреди 19 милијарди долари?

Вест како гром од ведро небо во ИТ-браншата: социјалната мрежа Фејсбук го купува ВатсАп, компанијата специјализирана за праќање онлајн пораки, за 19 милијарди долари.

Само пред две недели Фејсбук го славеше 10-от роденден. Кратко претходно концернот на Марк Закерберг ги изненади берзите со бројката - социјалната мрежа ја користат 1,23 милијарди луѓе во светот. Акцијата на Фејсбук достигна ново рекордно ниво - 62 долари. Вредноста на фирмата се зголеми на 150 милијарди долари. Од тој аспект, лесно може да се издвојат 19 милијарди долари и со нив да се купи успешната компанија специјализирана за праќање онлајн пораки.

Без реклами и евтино

Whatsapp, формирана во 2009. година од двајца поранешни соработници на Yahoo, моментно има 450 милиони корисници, а секој ден се приклучуваат по еден милион нови. Тие испраќаат текстови, фотографии, видео и аудио-пораки низ целиот свет - 18 милијарди кратки пораки секој ден. WhatsApp е меѓу најомилените програми кои се инсталираат на смартфон или таблет-компјутери и е компатибилна со сите системи. Во првата година е бесплатна, потоа се плаќа еден долар за секоја наредна година. Во неа нема реклами, а според соосновачот на WhatsApp, Јан Коум, така и ќе остане. Значи: „Без реклами, без игри, без многу ’шминка’“, како што стои на мотото-рачно напишана порака залепена на работната маса на Јан Коум.

Паметна зделка поради конкурентска загрозеност

И покрај се‘ се чини дека цената од 19 милијарди долари е сепак гигантска.

„Ова со сигурност е паметна зделка, зашто WhatsApp уште во својата почетна фаза се разви во вистински конкурент на Фејсбук“, вели Тобијас Колман, експерт за електронски бизнис на Универзитетот Дуизбург-Есен во разговор за Дојче веле.

Кај WhatsApp во последно време беше регистриран огромен прилив првенствено на млади корисници. Тоа сигурно претставуваше опасност за губење на приматот на Фејсбук во социјалните мрежи кај оваа целна група на корисници.

„Од овој аспект не се работи само за спектакуларна цена, туку и за еден итар шах потег“.

Колман укажува и на фактот што WhatsApp ќе се користи многу повеќе отколку сопствената алатка за пораки на Фејсбук, како во Европа, така и во важните пазари во развој, како Јужна Америка и Азија.

„Ако Фејсбук има аспирации да биде водечка социјална мрежа, тогаш тука нужно припаѓа и функцијата за праќање пораки, па затоа купувањето на WhatsApp е само логичен потег“.

Во трката бил и Google

Очигледно, при оваа зделка Закерберг бил и под временски притисок, зашто, според пишувањето на Тек-блогот „Информатион“, за WhatsApp бил заинтересиран и Google. А само пред неколку месеци Фејсбук доби корпа во случајот со еден друг месенџер, Snapchat, кога се работеше само за три милијарди долари. Значи, овојпат не смееше да има потфрлување, па затоа концернот посегна толку длабоко во џебот. Иако, како прескапо претходно се сметаше и купувањето на Фото апликацијата Instagram за една милијарда долари.

Tobias Kollmann Uni Duisburg-Essen

Тобијас Колман

Градење компетентност

По избивањето на аферата со шпионирањето на електронските комуникации од страна на американската тајна служба НСА, многумина корисници стравуваат од можноста од злоупотреба на нивните податоци. Но, Јан Коум постојано истакнуваше - за него постојат јасни граници. А Тобијас Колман забележува, оној кој пушта информации на интернет, не може да избегне одредена компетенција во поглед на користењето на медиумот.

„Мислам дека е веќе време да се размисли околу покачувањето на медиумската компетенција кај корисниците, заради укажување на одредени аспекти, а да не се реагира постојано со ширење несигурност или страв“.

За многумина познавачи на браншата е јасно дека ова нема да биде последниот дил тежок повеќе милијарди долари. Цената на фирми од ИТ браншата од секаква големина, поттикнати и од зделката со WhatsApp, може да се очекува брзо да расте, ако производот е добар. Крајно, истакнува Тобијас Колман, целта на основачот е да изгради успешна фирма и во најдобар случај да му ја продаде на некој од гигантите во браншата. А каде ќе заврши сетоа тоа, е нејасно: „Се наоѓаме во неверојатно динамично поле, така што навистина не знаеме кој ќе биде Фејсбук на утрешнината“.