1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Дали Фејсбук станува „Големиот брат“?

Хакерската мрежа „Анонимус“ од Германија за утре најави напад врз Фејсбук. Оваа интернет мрежа за едни стана неразделив дел од социјалниот живот, за други меѓутоа е опасна стапица за собирање податоци.

default

Тило Вајхерт можеби е најомразениот човек во калифорнискиот Менло парк. Името на ополномоштеникот за заштита на податоци од германската покраина Шлезвиг Холштајн во меѓувреме е поим во седиштето на Фејсбук. Вајхерт го критикува т.н. „Ај лајк“ копче кое во меѓувреме се смета дека е пласирано на 250 милиони интернет страници ширум светот.

Самото отворање на една страница каде постои такво „Ај лајк“ копче, според Вајхерт, испраќа до Фејсбук еден куп податоци, иако воопшто не било ниту притиснато тоа копче од корисникот. На тој начин може да се утврди однесувањето на луѓето при сурфањето, иако воопшто не се членови на Фејсбук. Вајхерт во ова гледа повреда на законите за заштита на податоците во Германија и на одговорните за интернет страниците им се заканува со висока парична казна. Со ова повеќе или помалку несвесно, застана на чело на едно движење кое полека расте и кое е против очигледно незаситната глад на Фејсбук за собирање податоци. На нишан на критичарите не е мрежата како таква или социјалните мрежи генерално, туку конкретно однесувањето на овој американски концерн, кој има водечка улога во браншата во светот.

Бришењето е невозможно

Werbeoffensive im Web 2.0 facebook Deutschland Internet Werbung Datenschutz

Студент од Австрија неодамна се соочи со фактот колку Фејсбук меморира податоци. На негово барање доби 1200 страници полни со лични податоци и покрај тоа, како што вели, не бил интензивен корисник на социјалната мрежа. 23- годишниот студент особено го шокираше што податоците кои ги избришал и натаму се зачувани од страна на Фејсбук. Освен ова Фејсбук комбинирал и собирал податоци надвор од мрежата. Студентот во неговите податоци открил на пример и- мејл адреси, кои никогаш не ги објавил на Фејсбук. На крајот од секој корисник на Фејсбук настанува детален профил. Токму тоа е основата за комерцијалниот успех. Фејсбук заработува милијарди со тоа што прави анализа на податоците на неговите корисници, создава профили и овие анализи ги продава на клиентите кои се заинтересирани за реклами.

Критиката за ваквата пракса засега е мала. За многумина Фејсбук е дел од нивното дигитално секојдневие, и не се заинтересирани за заднината. Во „аналогното“ секојдневие речиси никој не би се впуштил во такво нешто. Кој би прифатил поштата да испраќа писма и пакети бесплатно, но затоа да има право да ги чита сите содржини и истите да ги анализира за рекламни цели?

Кои информации им се предаваат на тајните служби?

Покрај анализата на податоците за комерцијални цели, не е сосема јасно колку тајните служби имаат пристап до овие податоци. Ниту претпријатието, ниту тајните служби не даваат никакви конкретни информации. Постојат меѓутоа извештаи дека дури и тоталитарните режими како Иран или Сирија користат Фејсбук за да ги

Symbolbild Datenschutz

пронајдат противнициите на владата и нивните симпатизанти. Гугл кој има голема база на податоци, неодамна обелодени дека се’ повеќе влади испраќаат барања до претпријатието. Дали, американските тајни служби имаат директен пристап во Фејсбук, не се знае. Сигурно е меѓутоа дека огромните бази на податоци, како оние на Фејсбук или Гугл го будат интересот.

Планираниот напад на хакерската група „Анонимус“ е насочен токму против оваа глад по податоци и неинформираноста на голем број корисници на Фејсбук. Идејата е да се разбудат корисниците и да им се покаже со какво претпријатие имале работа. Независно дали оваа „Операција Фејсбук“ воопшто ќе има некаков ефект, прашањето е дали многумина фанови на Фејсбук сакаат воопшто да бидат разбудени. И одговорниот за заштита на податоци во покраината Шлезвиг Холштајн, Тило Вајхерт, досега пожнеа пред се’ критика- и тоа и во сопствените редови. Така на пример покраинската влада се противи да ја укине нејзината страница на Фејсбук. Наместо тоа на неа се дискутира за наводна „ограниченост“ и „хиперактивност“ на Тило Вајхерт. Оној кој сака да биде спасен, прво мора да препознае дека се наоѓа во опасност.

Автор: Јерг Брунсман/ Александра Трајковска

Редактор: Ж.Ацеска