1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дали сте политички изложен?

Во македонските банки од почетокот на годинава задолжително се пополнува апликација со прашање за политичка поврзаност. Клиентите се збунети.

default

Се бараат и информации за тоа дали клиентите се блиски до лица од политиката

Во Македонија од почетокот на годинава не може да се отвори банкарска сметка без претходно да се пополни соодветна апликација, унифицирана од сите банки. Станува збор за процедура која меѓу другото опфаќа и прашање дали сте политички изложено лице, близок семеен член или блиско поврзан со луѓе од политиката. Ова правило се однесува на сите деловни или физички странки кои за првпат воспоставуваат однос со банките. Надица Ценева од Здружението на банкари во Македонија објаснува дека новите правила се согласно одлуката на НБМ од јули лани, со која од нив се бара на ваков начин да ги идентификуваат лицата кои се политички изложени:

„Кај нас до сега беше пракса да се испрашува клиентот толку многу кога тој аплицира за кредит или картичка и затоа можеби кај странките е дилемата или изненадувањето за отворање сметка сега да се бараат ваквите податоци. Меѓутоа, за нив важат истите услугите и производите како и за сите други клиенти. Во услови кога во земјата нема изготвена официјална листа за политички изложени лица се решивме да почнеме ваков принцип на изјава и таа ја бараме само за нашите нови клиенти.“

Како да се дознае кој од старите е политички изложен?

Mazedonien Land und Leute

Новите правила важат и при отварање штедна книшка за дете

Новата законска обврска може да даде лесен одговор кој од новите странки е политички инволвиран. Но, кога станува збор за лицата кои веќе имаат сметки во банките, ситуацијата е веќе покомпликувана:

„Во соработка со Народната банка на Македонија и Управата за спречување на перење пари разговаравме доколку е можно некоја институција под државна капа да изготви официјална листа, при што на еден заштитен начин таа би се пренесувала на увид до банките“, вели Ценева.

Новите правила, кои веќе предизвикуваат реакции во јавноста, се применуваат и во случај доколку родител сака да му отвори штедна книшка на своето дете. Од банките објаснуваат дека станува збор за техничко прашање:

„Апликацијата се појавува кога за прв пат се регистрира некое лице. Сепак се подразбира дека малолетните лица не можат да ги пополнат сите податоци. Затоа можеби се случило да се појави апликација на пример за дете на наш клиент, но тоа не значи дека ние бараме и малолетните лица да пополнат изјава дали е политички изложена личност“, објаснува Ценева.

Законски измени за поголема ефикасност

Новите банкарски правила се дел од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризмот. Владата најави измени за зголемување на ефикасноста со кои се проширува кругот на субјектите задолжени за преземање мерки за спречување на ваквите појави. Освен банките, штедилниците, менувачниците, нотарите, ваквата обврска сега се проширува на Берзата, Централниот регистар и Централниот депозитар за хартии од вредност, најави министерот за финансии Зоран ставрески: „За нотарите, дилерите на возила, осигурителните друштва и банки се воведуваат дополнителни обврски. На дневна или месечна основа по електронски пат тие треба да доставуваат податоци за определени правни работи над 15 илјади евра“, изјави Ставрески.

Со измените во законот се предвидени и високи прекршочни санкции, во зависност од степенот на сторената штета.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Трајче Тосев