1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Дали Србија ќе ги отвори тајните архиви?

Отворањето на тајните досиеја на српските служби за безбедност не е услов на Европската унија, но постои препорака од Брисел, тоа да се стори. Дали српските власти ќе исполнат нешто што е само препорака?

Отворањето на тајните досиеја на службите за безбедност е тема која е присутна во јавноста во Србија уште од почетокот на демократските промени во 2000. година. Постоеја безбројни иницијативи тој процес да се изврши, но на крајот сѐ се завршуваше со флоскулата „дека за тоа нема доволно политичка волја“. Најновиот став на ЕУ покажува дека ЕУ не бара од Србија да ги обелодени тајните документи на службата за безбедност, но „силно препорачува тоа да се стори“. Тоа не е услов за Србија да се приклучи кон ЕУ, но постои силна препорака тоа да се направи за да се решат важни прашања од минатото, беше соопштено од Канцеларијата на комесарот за проширување на ЕУ, Штефан Филе.

Прашањето кое веднаш се наметнува е: дали српските власти воопшто ќе сакаат да исполнуваат каква било обврска која не е цврст услов? Историјатот на обврски, кои Србија требаше да ги исполни, покажува одреден степен на лежерност кога се во прашање обврските кои се дадени во вид на препораки.

Повторно аргументи против?

Услов за отворање на досиејата на тајните служби не беше услов ниту за другите земји кога беа примани во ЕУ, оттука нема никаква логика тоа да биде во случајот со Србија, истакнува за ДВ Богољуб Милосављевиќ, професор на Правниот факултет во Белград. Темата на отворање на тајните досиеа сепак беше присутна по 5. октомври, вели Милосављевиќ, но секогаш се наоѓаа некои аргументи против придвижување на тој процес. Така се наведуваше дека една таква мерка би можела да доведе до лов на вештерки, дека може да се создадат нови неправди, и дека може да дојде до прогон на луѓето кои биле соработници на службата. Претпоставувам дека и денес повторно би се користеле истите аргументи против таквиот процес, смета Милосављевиќ.

Да се разјасни фамата околу тајните досиеја

Кога станува збор за тајните служби, тука се разбира постои противење, вели Милосављевиќ. Нивен став беше дека доколку се тргне во тој процес, дека таа област ќе треба да се уреди со закон, вели Милосављевиќ. Со законот би требало да се заштити идентитетот на доушниците, и националните интереси кои би можело да се најдат во такви документи. Бидејќи закон никогаш не е донесен, не се реши ниту тоа прашање, подвлекува Милосављевиќ.

Сега се разбира останува прашањето колку српските политичари ќе сакаат да исполнат нешто што е само препорака на ЕУ. Доколку повоторно се отвори тоа прашање, очекувам повторно да се слушнат аргументи за и против, оценува Милосављевиќ: „И дека, искрено се надевам, доколку има политичка подготвеност, тоа прашање ќе може конечно да се тргне од дневен ред. Тоа според моето мислење би било многу добро, за едноставно засекогаш да се разјасни таа фама која постои околу тоа прашање, но морам да напоменам без лустрација. Ние дури имавме и Закон за лустрација, кој десет години беше мртва буква на хартија, и мислам дека тоа прашање тешко дека повторно ќе се отвора“.

Да се отвори црна книга за злосторствата

Српското движење за обнова (СПО) беше една од ретките партии која упорно ја истакнуваше потребата за отворање на тајните досиеја. Меѓутоа, сите нивни обиди во тој правец не донесоа резултати. Александар Југовиќ, потпретседател на СПО за ДВ вели дека отворањето на тајните архиви е потреба на Србија, без оглед на тоа дали е тоа услов или препорака на ЕУ: „На тој начин би се утврдиле улогите на поединци, кои се наоѓаат во сите структури на власта, кои се наоѓаат на раководни места од каде се испраќа антиевропска мисла, и на крајот да ги утврдиме биографиите на сите оние кои во претходниот период биле одговорни за најголемите несреќи кои ја снајдоа Србија“.

Мислам дека со решавање на ова прашање и не е толку важно дали препораката за тоа стигнува од ЕУ, вели Југовиќ. Србија би требало да го реши тоа прашање пред сѐ поради себе, бидејќи тоа би било корисно за да се разјасни улогата на сите оние кои во изминатите години чинеле зло за ним да им биде добро, вели Александар Југовиќ: „Јас сум убеден дека во тие архиви се наоѓаат траги од валкани пари од граѓанските војни, убеден сум дека се наоѓаат траги за убиства на новинари и политички ликвидации, убеден сум дека се наоѓаат траги од шверц со цигари. И мислам дека таа црна книга на злосторства, доколку биде отворена, би дала одговори на многу прашања“.

СПО неколкупати безуспешно се обидуваше својот предлог закон за отворање на тајните досиеја да го стави на дневен ред на парламентот. Отпорот се наоѓа токму во редовите на оние кои по функција би требало да се залагаат за отворање на тајните архиви, вели Југовиќ. Што се однесува до СПО, тоа прашање одамна требало да биде сторено, вели Југовиќ.