1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Дали Сомалија ќе го дестабилизира целиот регион?

Етиопските трупи и војниците од сомалиската преодна влада и натаму напредуваат кон сомалискиот главен град Могадишу, кој е во рацете на исламистичките милиции. Африканската унија и Арапската лига на заедничка седница во Адис Абеба побараа итно повлекување на етиопската армија, крај на борбите, како и дипломатско решение.

default

Додека Африканската унија и Арапската лига заеднички побараа крај на борбите во Сомалија, Советот за безбедност на ОН и на своето второ заседание на тема Сомалија не успеа да донесе заедничка декларација. 15 земји членки на Советот за безбедност ја завршија седницата без консензус околу предлогот на Катар кој бара повлекување на сите странски сили од Сомалија, итен прекин на борбите и почеток на мировни преговори. Барањето за повлекување на етиопските сили пропадна, исто како и претходниот ден, поради спротивставувањето, пред се на САД и Велика Британија. Вршителот на должноста американски амбасадор во ОН, Алехандро Волф, по седницата рече дека жали што согласност не е постигната, затоа што земјите биле многу блиску до такво нешто. Катар инсистирал на повлекување на странските трупи од Сомалија, додека Волф смета дека само со повлекување нема да биде решена комплексната ситуација во таа земја.

Специјалниот пратеник на ОН, Франсоа Лонсени Фал, пак, вчера изјави: “Генералниот секретар лично апелираше до сите земји членки да избегнуваат мешање по прашањето на Сомалија. Ситуацијата е многу, многу, многу тешка и ќе биде уште потешка доколку државите од регионот се вмешаат во сомалиската криза.“

Од борбите во Сомалија се погодени пред се цивилите. Светската програма за храна ја стопираше привремено помошта од воздух, на барање на исламистичките власти во Сомалија. На тој начин, помош не пристигнува до луѓето на југ на земјата, кои се погодени од големи поплави. Вики де Марши, портпарол на Светската програма за храна, вели: “Ние запревме дел од нашите акции не поради наше сопствено решение, туку затоа што сомалиската преодна влада нареди многу силни рестрикции над воздушниот простор. На сомалиска почна остануваат 300 наши соработници, кои помагаат не по воздушен пат, туку се движат по копно. Но, ситуацијата е многу, многу компликувана затоа што ние им помагаме на луѓето на југ и во централна Сомалија, каде поплавите предизвикаа најголеми штети.“

Франција стравува дека состојбата во Сомалија би можела да го дестабилизира целиот регион. Францускиот министер за надворешни работи, Филип Дуст Блази, изјави дека целиот рог на Африка е пред ескалација на насилство.