1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Дали сирискиот пожар ќе го зафати и Либан?

Насилството во Сирија полека, но сигурно го загрозува и нестабилниот внатрешен мир во соседен Либан. Политички мотивираните киднапирања се се‘ почести, а власта полека ја губи контролата над ситуацијата.

Минатата недела на улиците на Бејрут владееше хаос. Вооружените банди ја презедоа контролата на најважната сообраќајница која води кон аеродромот, а истовремено во северниот дел од земјата беше запрен сообраќајот на патен правец кон Сирија. Зад блокадите и грабнувањето над 20 патници стои влијателниот шиитски клан Микдад. Можен мотив: овој клан веќе со години живее (и тоа добро) од шверцување оружје за режимот на разнишаниот властодржец Башар ал-Асад. Тоа го доведе кланот во судир со сириските бунтовници.

Libanon nach Assad

Демонстрации против Асад во Бејрут (архива)

Хезболах, клановите и „државата во држава“

Капка која ја прели чашата беше киднапирањето на Хасан Салим ел-Микдад, еден од истакнатите членови на кланот, кого сириските бунтовници го грабнаа под обвинување дека како член на либанскиот Хезболах, се борел заедно со војската на Асад. Каква е состојбата на правната држава во Либан покажува фактот што кланот Микдад минатата недела одржа конференција за печат, на која најави погубување на грабнатите патници (меѓу кои има и државјани на Турција и на Саудиска Арабија), доколку Сириската слободна армија не го ослободи членот на нивната фамилија.

Киднапирањата и закани сред бел ден покажуваат барем едно: слабост на либанската власт. Според пишувањето на дневниците на арапски јазик, од државната власт во Либан е останат само поимот. Но, државните структури во Либан никогаш не ни стоеле на цврсти нозе, за што добар дел од вината ја сноси либанскиот шиитски Хезболах и неговите заштитници во Сирија и во Иран. „Партијата на Алах“ од своето основање, на почетокот на 80-те години од минатиот век, ужива заштита од Дамаск и од Техеран. Во текот на граѓанската војна во Либан (1975-1990) сириската војска беше присутна во земјата, што дополнително го засили Хезболах кој денес ужива статус на „држава во држава“.

Искра од соседството

Силата на Хезболах истовремено претставува и слабост на државните органи од што страда комплетното население на Либан. Абдел Рауф Сино, христијански теолог од Бејрут, објаснува дека во Либан постојат паралелни структури: силен Хезболах и слаба држава.

Hisbollah-Parade im Libanon

Парада на Хезболах во Бејрут (архива)

„Хезболах е тоталитарна и идеолошка партија која следи сопствен политички проект. Исто така егзистираат две војски: слабата државна и силната на Хезболах“, смета Сино.

Но, најновите киднапирања откриваат и друга слабост на либанската држава - постојано тлеечката верска тензија, за која многумина стравуваат дека може повторно да се распали. За тоа не треба многу - само една искра од соседството. Тензиите потекнуваат уште од периодот на француското колонијално владеење, а не успеа да ги елиминира ни речиси 70-годишната самостојност. Во Либан навистина постои устав кој на главните верски групи во земјата, муслиманските сунити и шиити, како и на христијаните, им гарантира еднакви права. Но, во пракса рововите се подлабоки отколку било кога досега, во што не помага ниту рамноправната распределба на власта во земјата (претседателот на државата е христијанин, премиерот е сунит, а претседателот на парламентот е шиит).

Верските поделби до денес се темел на сите судбоносни случувања во земјата. Дневниот весник „Ал Хајат“ смета дека „верската логика“ управува и со воените судири во Либан и соседството. Така сириските бунтовници во секој шиитски Либанец гледаат свој непријател. Режимот на Асад пак, опстојува на ваквата поделба, зашто му олеснува борбата против бунтовниците на домашен, а уште повеќе на меѓународен план, да ја „продаде“ како борба против верските екстремисти.