1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дали се шири евроскептицизам во Македонија?

Експертите укажуваат дека државата се‘ почесто е одмината од влијателните западни политичари и од евролобисти, откако цел на напади беа и европарламентарци, кои практично до вчера се сметаа за македонски промотори.

default

„Мислам дека ако не не‘ сакаат во Унијата почесно е да кажат: ’Не ве сакаме’ или ’Решете го проблемот со Грција, па јавете ни се’“.

Со овој став во последното интервју за државната агенција МИА, македонскиот премиер Никола Груевски ја заострува реториката на критики кон ЕУ иницирани од последниот извештај на ЕК за состојбите во Македонија. Сега веќе не е само еврокомесарот Филе цел на директни напади за пристрасно ставање на страната на Грција, што шефот на македонската влада го стори при приемот на Извештајот од Брисел.

Премиерот го изразува растечкото незадоволство и отпор, пред се‘ кај Македонците, од негирање на нивните идентитетски кодови, за што уверливи се сите последни сондажи една година наназад, вели директорот на институтот „Евро-Балкан“, Јован Донев.

„Последниве две години покажуваат дека јавното мислење во Македонија, пред се‘ кај Македонците, е против промена на уставното име за влез во ЕУ и НАТО. Тоа не може да се нарече евроскпетизицам, туку одбрана на достоинството на еден народ“.

Mazedonien Ministerpräsident Nikola Gruevski

Никола Груевски

Можна појава на антиевропски расположени сили

Професорот Јован Донев не мисли дека Груевски ја отвора вратата за ширење на евроскептицизмот во државата, но не исклучува појава на крајно антиевропски расположени политички сили.

„Ваквото одесување на Унијата отвора простор за појава на радикални десни партии во Македонија. Ние се‘уште немаме толкаво количество на евроскептизицам, но не им веруваме толку на Европејците, како до 2005 година. Се отвора простор за појава на сериозни антиевропски партии во државата“, кажа Донев за ДВ.

Воинствените зборови не водат никаде

Наспроти него, универзитетскиот професор Мирјана Малеска настапува со негативна рецензија за последните јавни критики на премеирот насочени кон политичкиот врв на Унијата.

„Нерешавањето на спорот за името е повод за заладување на односите на Брисел кон Скопје и оттука овој гнев на Груевски и овие воинствени негови зборови што не водат никаде. Може само да не‘ остават сами, да се снаоѓаме како знаеме и умееме“, вели Малеска. 

Ветон Љатифи, професор од универзитетскиот центар за Југоисточна Европа со став-„ Може да се очекува одредена доза на скептизицам кон времето за деблокирањето на спорот за името“.

Според него, на сцена се привремено заладени политички релации меѓу Брисел и Скопје, зашто во состојбата статус-кво во решавањето на спорот за името, партнерите меѓусебе нема што друго да си понудат. Тоа е на штета на интересите на граѓаните и евроатланските перспективи на Македонија. Но професор Љатифи не очекува драматична промена на курсот во односите со ЕУ, зашто тој е без алтернатива, особено кај Албанците во земјата.

„Без разлика какви зборови ќе корисити премеирот, притисокот од Брисел нема да попушти за деблокирање и конечно решавање на спорот меѓу Скопје и Атина“.

Mazedonien Tetovo Multiethnische Gemeinschaft

Мирјана Малеска

Западните политичари ја заобиколуваат Македонија

Експертите укажуваат дека државата се‘ почесто е одмината од влијателните западни политичари или евролобисти, откако цел на напади беа и европарламентарци, кои практично до вчера се сметаа за македонски промотори. За професор Малеска симтоматично е што се‘ уште не се акредитирани амбасадорите на ЕУ во Скопје и на Македонија во Унијата.

„Сме си ги изгубиле сите симпатии, зашто овој речник на кавга нема да донесе добро за Македонија и ќе ја намали можноста за лобирање во Брисел. Лобистити беа политичари од членките на Унијата кои имаа симпатии кон македонските напори да стане членка на европското семејство. Сега тие ја губат својата надеж поради пораките од македонските власти кон нив и извештајот на ЕК“, заклучува Малеска.

Сите консултирани аналитичари сепак не ја одбегнуваат оценката дека Извештајот на ЕК е реална слика за државата, но проценуваат дека целосното негирање на идентитетскиот атрибут „македонски“, иако е политички притисок врз властите во Скопје, се‘ повеќе значи, но и се доживува како иритирање на Македонците.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска