1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дали се безбедни браните во Македонија?

Македонија е под вода. Обилните дождови и топењето на снегот од планините ги наполнија речните корита и акумулациите. По браната во Слатино, попушти и Пишичка брана кај Пробиштип. Дали и колку се безбедни браните?

Интензивните дождови ги наполнија акумулациите и придонесоа за излевање на реките. Посебно критично е во Источна Македонија. Поплави има и во Битола, Прилеп, Кичево, Кавадарци. И додека сите чекаа браната во Слатино да се урне, во Источна Македонија напукна земјената брана кај селото Пишица, надојдените реки урнаа и неколку мостови. Особено во источниот дел на Македонија поплавите беа аларм да се забрани пиењето вода од градските водоводи, а високиот водостој ги поплави куќите и предизвика евакуација на дел од населението. Човекот уште еднаш се покажа немоќен пред налетот на природата. Проценките за материјалните и еколошки штети ќе се прават откако ќе заврши борбата со водената стихија.

Малите акумулации се стари и нередовно контролирани

Владата формира итно координативно тело, а дел од министрите ги посетија најкритичните места и ветија брза помош за населението.

„Во 2012 година се исчистени 70 километри канали и речни корита, како што е предвидено и во програмата, што значи дека поплавите не се резултат на неисполнети задачи, туку на природни влијанија како што се случуваат секаде во светот и сега фокусот е кон менаџмент на последиците и недозволување на посериозни нарушувања на животот на граѓаните“, рече Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата на РМ.

Mazedonien Überschwemmungen

Проценки на штетите од поплавите ќе се прават откако ќе заврши борбата со водената стихија

Многумина го поставуваат прашањето - можно ли е и други брани да попуштат и дали надлежните вршат контроли? Најголемиот дел се акумулации за наводнување на почвата и најчесто се стари по околу четири децении. Д-р Михаил Гаревски, директор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија ИЗИИС, вели: „Малите и ниски брани како што на пример е случајот со браната кај Слатино се под мал мониторинг.“

Нема анализи кој ги одржува и колку низ годините се проверувала нивната исправност. Во случајот со Пишечката брана, кога стручњаци од Градежниот факултет побарале документација неа ја немало. Се стравува дека состојбата е слична и со останатите мали акумулации. Иако Македонија има Национална стратегија за води, впечаток е дека во земјата се мешаат надлежностите, а во вакви непогоди ретко кој сака да ја прифати одговорноста. Одржувањето на над дваесет вештачки акумулации, според Министерството за животна средина, е обврска на Министерството за земјоделство, регионалните водостопански организации и локалните власти. Во случајот со браната на Слатинско Езеро, по барање на Дирекцијата за заштита и спасување, поради недостаток на опрема за дејствување во такви околности, односно отворање на испусните вентили за одлив и намалување на нивото на водата, интревенираше Територијалната противпожарна единица при Општина Охрид. Пожарникарите пристапија до блокираниот вентил, навреме го отворија, а со тоа обезбедија проток на вода од езерото и намалување на нивото на водата. Но големиот талог на дното на езерото беше пречка да се отвори главниот испустен вентил на браната. Искуствата од овој вид во Македонија зборуваат дека најчесто за

Matka See in Mazedonien

Матка: Една од најстарите брани е изградена овде, во 1936 година

таа намена се ангажираат стручно обучени нуркачи. Тие вчера (26.02) го отвориле главниот испусен вентил на Пишичка брана. Откако се направени огромни штети надлежните најавија санација на оваа брана. Поплавите сигурно ќе повлечат нови и темелни истражувања за состојбата на малите акумулации .

ИЗИИС: Големите хидроцентрали се безбедни

Македонија има голема традиција во изградбата на браните. Една од најстарите е браната Матка изградена во 1936 година. Браната го издржала и земјотресот од 1963 година во Скопје. Високите брани во Македонија се во надлежност на Електрани на Македонија – ЕЛЕМ . Според директорот на ИЗИИС Гаревски, сите тие се исклучително сигурни. „На барање на Светска банка, ИЗИИС пред извесно време изработи сеизмичка реевалуација на високите брани со примена на најмодерни нелинерани аналитички методи. На најголем дел од браните извршивме и експериментални мерења со употребата на техниките за амбиент и принудни вибрации. На тој начин се одредени динамичките карактеристики на браните. Законски за сите брани е

Mazedonien Überschwemmungen

Од надојдени реки се урнаа и неколку мостови

задолжително инструментирање со инструменти за силни земјотреси. Контролата на инструментите ја прават стручни лица од ИЗИИС. Браните постојано се под контрола и имаат низа сензори за следење на водениот притсок, ама и за останатите параметри, како што се поместувањата и температурите во одделни делови од браните.“

На пример, браната Козјак се следи преку 350 сензори во реално време и софтверот може да алармира одреден дефект. ЕЛЕМ кусо соопшти дека секојдневно внимателно ја следи состојбата и оти се преземаат превентивни мерки за целосно прифаќање и искористување на хидропотенцијалот што се слева во хидроакумулациите. За среќа, меторолозите најавуваат намалување на врнежите од дожд и стабилизирање на времето.