1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дали САД и ЕУ пак ќе арбитрираат во Македонија?

Искричењата во односите меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ отвораат прашање-дали тоа предизвикува меѓуетнички тензии и дали Македонија треба сама да ги реши или да ги вклучи САД и ЕУ?

default

Расправата за така наречениот „Закон за бранители“ во македонскиот парламент и другите искричења во односите меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ отвораат простор за прашањата дали сето тоа веќе и реално предизвикува меѓуетнички тензии и зголемување на етничката дистанца меѓу Македонците и Албанците во општеството.
Неколкумина општествено-политички аналитичари од земјата коментираат за Дојче веле дека Македонија како држава треба сама да го спречи продлабочувањето на етничкиот расцеп во општеството, бидејќи решавањето на меѓуетничките проблеми со помош на Европската унија и САД, како и во 2001 – вата година, би било голем чекор назад.

„ЕУ и САД во 2001. година одиграа важна улога во управувањето со етничкиот конфликт во Македонија. Сега таа треба сама да го спречи продлабочувањето на етничкиот расцеп во општеството“.

Ова се констатации на неколкумина општествено – политички аналитичари и експерти, кои ги коментираат за ДВ најновите случувања на политичката сцена и во меѓуетничките односи, во контекст на истражувачкиот труд „Улогата на ЕУ во демократската транзиција и консолидација, како и управувањето со етничките конфликти во РМ“, реализиран од одделот за политички студии на државниот Правен факултет во Скопје.

Tetovo

„ЕУ секогаш реагира прва“

Ненад Марковиќ од споменатиот политиколошки оддел, истражувач во цитираниот проект, реактуелизира дел од неговите заклучоци во врска со сегашниот политички момент: „Во случај да не се постигне некој компромис, ако се мисли на ’законот за бранители’, тогаш воопшто нема да остане нема меѓународната заедница. Таа ќе понуди повторно некакво решение, ако се продлабочи кризата. Тогаш е сигурно дека ЕУ ќе се вмеша поактивно, оти таа прва реагира. Прашање е дали ќе се откаже од помошта на САД, оти албанската страна е повеќе респонзивна на барањата на американските дипломати. Но, има значителен број предуслови пред да дојде до таква меѓуетничка драма. Ако двата најголеми етникума прикажат преку своите најголеми партии дека не можат да се договорат и оти повторно ќе влезе меѓу нив меѓународната заедница како арбитер, тогаш тоа ќе значи дека доброволно се одлева дел од државниот суверенитет кон надвор со тоа што се кани таа заедница да ги решава нашите домашни проблеми, заради постигнување некаков политички договор. Би било големо враќање назад, ако прикажеме дека сега немаме внатрешна сила да се договараме“.

Фејзула Шабани, експерт за историја на балканските народи од Државниот универзитет во Тетово, се надоврзува: „Државите од ЕУ имаат свои проблеми и зарем треба да очекуваме тие да ни диктираат темпо, гледајќи дека 'не можеме сами да ги решаваме проблемите'? Сепак, можеме сами. Надворешното влијание треба да биде се‘ помало. Треба да постои надворешно влијание врз Македонија, но, од економски аспект – помошта. Не од политички аспект, зашто 20 години имаме самостојна држава“.

„Ако политиката, односно, политичките партии на Македонците продолжат да ги запоставуваат проблемите, поради кои Албанците во земјата се чувствуваат дискриминирани, тогаш е можно да се зголеми нивото на конфликтноста меѓу двата етникума“, вели Ризван Сулејмани, политички аналитичар од Државниот универзитет во Тетово, нагласувајќи:

„Се додека политиката останува на ова ниво на третирање на проблемите, секогаш ќе постои опасност еден конфликт да произведува деструкција и насилство, ако не се обрнува доволно внимание на она што се случува. Сепак, институциите на државата имаат развиено капацитети да управуваат со проблемите во тој контекст. Постои пораст на меѓуетничката недоверба и на нетолеранцијата, но, не е алармантен. Ако би се случил нов инцидент, тогаш би дошло до зголемување на дистанцата меѓу етникумите“.

Tetovo Mazedonien

„Лесно создаваат меѓуетнички тензии – лесно и ги решаваат“

Дали расправата во Парламентот за „законот за бранителите“ и другите искричења во односите меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ веќе предизвикуваат зголемување на етничката дистанца меѓу Македонците и Албанците?

Марјан Младеновски, професор од „Евробалкан“ Универзитетот во Скопје и автор на истражувачки труд за етничката дистанца и мултикултурализмот во општина Куманово“, истакнува: „Децата во Куманово учат во издвоени училишта, излегуваат на различни места навечер. Дури и населението е сконцентрирано во посебни етнички средини. Просторот за етничка дистанца во Куманово останува голем. Пошироко погледнато, постои етничка сегментација на македонското општество и таа не се менува на подобро. Одредени состојби, кои ги проектираат партиите во владејачката гарнитура од македонскиот и албанскиот блок, негативно влијаат врз македонското мултикултурно ткиво. Како што лесно генерираат меѓуетнички тензии, така лесно и ги решаваат, од минатото зборувам“.

Шабани заклучува: „Никаде не водат лавиринтите во меѓуетничките односи, кои ги создаваат партиите и политичарите. Ако влегуваме како народи во тие лавиринти, тогаш ќе останеме во место, каде што сме. Историјата не познава дека Македонците и Албанците војувале, до пред 2001. година. Тоа е многу е важно. Според историјата на балканските народи, напротив, тие имале зближување и зошто тоа да не се негува и денес? Може да се најде поблизок соживот меѓу Македонците и Албанците во Македонија. Треба да се остави настрана политиката, од која, заради нејзини интереси, или политички поени, секогаш имаме понешто на дневен ред“.