1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дали проширувањето е и натаму приоритет на ЕУ?

По влезот на Хрватска во ЕУ, ЕК се обидува да го спречи застојот во процесот на проширување. Интегрирањето на Западен Балкан во ЕУ засега сепак го нема во грчките приоритети за идното претседавање со Европскиот Совет.

Европската комисија се залага да и‘ се даде одредена стимулација на Турција, и покрај насилството во текот на јунските протести, како и препораката да и‘ се даде статус на кандидат за Албанија. Што се однесува до другите земји кандидати или потенцијални кандидати за ЕУ - Србија, Црна Гора, Македонија, Косово и Босна и Херцеговина, во годинашниов извештај на Комисијата, не се најавува некој посебен пробив, оцени дописникот на АФП од Брисел.

Проширувањето и покрај убедувањата и претходните залагања од Атина за интегрирање на Западен Балкан во ЕУ, засега тоа го нема во грчките приоритети за идното претседавање со Европскиот Совет.

Доволно е да се погледне на интернет страницата на грчкото министерство за надворешни работи на која се објавени приоритетите за претседавањето кое започнува во јануари. Тие се поделени во четири поглавја:

- Економски раст, борба против неработеноста и кохезија

- Понатамошна продлабочена интеграција на ЕУ и на еврозоната

- Миграции, граници и мобилност

- Поморска политика

Проширувањето е отсутно од листата на приоритетите. Ова и покрај ангажирањето од страна на Атина во рамките на заедничката програма на триото (Ирска, Литванија, Грција), која го дефинира проширувањето како „зона со стратешко значење“. Грција ја бранеше политиката на проширувањето во минатото, како организирањето на самитот во Солун од 2003, кој се смета како важна етапа во проширувањето на ЕУ кон земјите од Западен Балкан. За

EU Griechenland Finanzkrise

идното грчко претседателство, еден грчки европратеник, кој сакаше да остане анонимен, за ДВ вели дека „ќе се задоволиме само со конференција“ посветена на оваа тема.

Истиот европратеник ни вели дека ваквата ситуација им одговара на некои „други“ земји во Европската унија, кои поради негативното расположение на нивното јавно мислење во однос на проширувањето, не сакаат тоа да се најде на приоритетно место.

„Очигледно, во последниве неколку години економската криза во еврозоната и‘ одзема голема енергија на Европската унија. Ако сето ова го искомбинирате со фактот дека мегу граѓаните на државите членки има замор од проширување, тие се‘ уште се привикнуваат на последните приклучувања кон ЕУ, како што е случајот со Романија, Бугарија и сега Хрватска, кои според јавното мнение не беа особено добредојдени“, коментира Аманда Пол од Европскиот политички центар.

Официјално, грчките владини претставници, како заменикот министер за надворешни работи Димитрис Куркулас или вицепремиерот и лидер на ПАСОК Евангелос Венизелос, и натаму тврдат дека проширувањето останува нивен приоритет. Венизелос вели:

„Промоцијата на проширувањето и целта за интеграција на Западен Балкан не е наведена како наш приоритет , бидејќи тоа е веќе започнато, земјите си го следат нивниот пат. Се надеваме дека ќе започнат пристапните преговори со Србија веќе во првите недели од грчкото претседателство.“

Evangelos Venizelos

Евангелос Венизелос

Но од грчка страна се нагласува дека наместо со големи манифестации, Грција ќе се залага секоја земја да напредува според индивидуалните заслуги за време на нејзиното претседавање.

„Откако политичкото ангажирање е во името на ЕУ, наша цел е да спроведуваме конкретни мерки, прилагодени на потребите и на специфичните потреби на секој случај посебно. Во овај контекст, грчкото претседателство се ангажира да ги промовира приоритетите на проширувањето на ЕУ и да се соочи ефикасно со предизвиците на секоја земја во дадениот момент“, се вели од грчкото министерство.

Грција има нерешени проблеми со земјите кандидати

Во Стразбур и Брисел, посебно кај европратениците, се нагласува дека Грција има голем интерес од проширувањето на ЕУ и истовремено таа има неразјаснети односи со голем број од земјите кандидати. Турција е можеби најголемиот проблем од нив, иако дојде до подобрување на релацијата Атина-Анкара по создавањето на Билатералниот совет за соработка на високо ниво во 2010 година.

Ситуацијата не помалку сложена е и во односите со Македонија. Грција и понатаму инисистира на тоа таа да се нарекува „Поранешна Југословенска Република Македонија“, потоа обвинувањата испратени до Скопје дека ја присвојува грчката историја...

„Не е само прашањето на името кое ја блокира евроатлантската перспектива на ПЈРМ, туку целиот пакет на општи критериуми кои треба да ги почитуваат земјите кандидати за членство. Многу е значајно, бидејќи еден од критериумите е почитувањето на меѓународното право и одржувањето на добрососедските односи“, изјави недамна Венизелос.

Doris Pack Abgeordnete Europaparlament

Дорис Пак

Деновиве германската европратеничка Дорис Пак за ДВ изрази надеж дека „грчкото претседателство дава можност за излез од ситуацијата“ во која се наоѓа Македонија. Таа отворено кажа дека во ЕУ „постои воздржаност“ за проширувањето.

„Но, не може да се направи чекор наназад. Може да го забавиме процесот, но не можеме да оставиме да чека една земја (во случајов Македонија) уште десет години. Тоа може да предизвика проблеми во самата земја ако не се продожи со една коректна процедура. Но проблемот е во тоа што Советот одлучува за проширувањето едногласно. Јас уште еднаш мислам дека грчкото претседателство дава можност за излез од ситуацијата“, нагласува германската европратеничка.