1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дали некои политичари намерно ги влошуваат меѓуетничките односи?

Граѓаните, јавноста и експертите во Македонија ги критикуваат политичарите и партиите од сите етнички табори дека „манипулираат со меѓуетничките односи“, заради реализирање на своите агенди.

Меѓуетничките односи во Македонија доживуваат осцилации за кои јавноста и експертите најчесто вината ја лоцираат кај партиите и политичарите од македонскиот и албанскиот политички блок.

Али Пајазити, експерт за социологија на мултикултурализмот од Тетово, истакнува: „Политичарите играат на националниот фанатизам, или екстремниот национализам, како карта за придобивање на својот табор. Тие работат спротивно на духот на Рамковниот договор, којшто налага градење мостови за соработка на различните етникуми.“

Мирјана Малеска, експерт за меѓуетнички односи од Скопје, се надоврзува: „Наместо да обрнуваме внимание на работите кои не‘ поврзуваат, Македонците се разединуваат со другите заедници, како последица на една политика којашто сега се води кон историјата, кон самопотврдувањето. Тоа не‘ одалечува од другите заедници. Во поделеното македонско општество приоритет на секоја политика мора да бидат меѓуетничките односи, за да се надминат меѓусебната отуѓеност и недовербата.“

Неколку истражувања на јавното мислење од оваа година ги исфрлаат на површина негативните ставови на граѓаните кон политиката и партиите.

Владимир Мисев од Институтот за демократија од Скопје се осврнува на неодамна претставеното истражување на овој институт: „Се‘ уште сите етнички заедници се полни со предрасуди и стереотипи за другата етничка заедница. Политичарите придонесуваат ваквите предрасуди и стереотипи да се зацврстуваат во колективното ткиво на етничките групи и да создаваат слика на меѓуетничка нетрпеливост. Националната и националистичка реторика е пракса на политичарите.“

Односи „по кројка“

Владо Димовски од Центарот за меѓуетничка толеранција од Скопје укажува и на нивната анкета: „Политичарите најчесто ги ’кројат’ меѓуетничките односи, заради свои цели и политички поени секогаш кога им се потребни. Ако им е потребно, некогаш ќе ги подобрат, а некогаш ќе ги влошат меѓуетничките

Paket Made in Macedonia

односи. Според анкетата, политичарите се најголемите виновници за лошите меѓуетнички односи.“

Едмонд Адеми од институтот „Либерта“ за политичко-економски истражувања од Скопје, коментира: „Политичарите покажаа дека се 'успешни' во ’менаџирање’ со ситуацијата, отворајќи жаришта во меѓуетничките односи, со цел да се покријат промашувањата на лошите политики. Македонија е поделена по етничка линија, а политичарите и партиите само ја зголемуваат дистанцата меѓу етничките паралелни светови на Македонците и Албанците.“

Како дел од политичарите ги коментираат негативните перцепции?

Зоран Заев, претседател на СДСМ, вели: „Наместо да ја вршат улогата на сплотувач, на добронамерник во мултиетничкиот соживот, многу често политичките партии и политичарите со своите одлуки предизвикуваат лоши последици врз тој соживот. Преокупирани од одлуките од лична, или партиска полза, партиите и политичарите ја забораваат важноста на одлуките, кои се однесуваат на граѓаните, на државата. СДСМ не е квазипатриотска, или националистичка партија, туку гради соживот.“

Силвана Бонева, како политичар од ВМРО ДПМНЕ во лично својство, нагласува: „Политичарите со пораките, кои ги испраќаат до јавноста, влијаат многу врз меѓуетничките односи. Некои од партиите сакаат со играњето со меѓуетничките односи да предизвикаат одредени состојби за да дојдат на власт, или да го кренат својот рејтинг, не гледајќи дека со тоа си играат со судбината со Македонија. Откако е на власт ВМРО ДПМНЕ постојано гради добри меѓуетнички односи, доверба и толеранција.“

Муса Џафери, вицепремиер за Рамковниот договор од ДУИ, истакнува: „Заради интереси, одделни политичари од македонскиот и албанскиот етникум, при избори и кампањи, намерно ги злоупотребуваат меѓуетничките односи, предизвикувајќи јазична, верска и културна нетрпеливост. Тоа е сопирачка за градење на меѓуетничките однос и ја отежнува примената на Рамковниот договор. Политичарите треба да бидат мостови, кои ќе ги помируваат граѓаните без оглед на етничката припадност.“

Што велат некои од граѓаните?

Љатиф Демир од Скопје смета: „Политичките реторики насочени против добрите меѓуетнички односи не влијаат врз луѓето, кои ја прифаќаат и туѓата култура. Луѓето сами се раководат од тоа дека треба да живееме и да се почитуваме едни со други.“

Вулнет Зенки од Тетово напоменува: „Партиите и политичарите само градат имиџ врз грбот на граѓаните.“

Александар Цветковски од Прилеп вели: „Политичарите ги поларизираат односите. Политичарите од двата етнички блока не можат да манипулираат со етникуми и граѓани, кои стојат добро едни со други. Ним им треба меѓуетничка и меѓуверска тензија и тоа постојано го обновуваат..“

Анонимен граѓанин, Македонец од Битола, дополнува: „Партиите и политичарите влијаат негативно врз меѓуетничките односи, ама обичниот народ меѓусебно подобро се разбира, отколку преку политичарите. Тие ги поларизираат меѓуетничките односи.“