1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Дали на светот му се заканува нова Кубанска криза?

Пред 50 години Советскиот сојуз со поставувањето ракети од среден домет на Куба предизвика една од најголемите кризи за време на Студената војна и го доведе светот до работ на атомска војна. Каква е опасноста денес?

Пред точно половина век, на 14. октомври 1962. година, светот беше на работ на атомска војна. Советскиот сојуз со поставувањето на ракети со нуклеарни глави на Куба, на само 200 километри од американска територија, предизвика жестока реакција на Вашингтон и на младиот претседател Џон Ф. Кенеди. Во моментот кога американскиот претседател неколку дена подоцна, на 22 октомври, и‘ се обрати на нацијата, стратешките сили на САД беа во состојба на готовност, еден степен под борбена состојба. Светот никогаш не се наоѓал толку блиску до нуклеарна катастрофа како во тие есенски денови.

Тогашниот челник на СССР, Никита Хрушчов во последен момент попушти и се откажа од натамошно заострување на состојбата, а веројатно причината за тоа беше тогашната пат-ситуација меѓу двете нуклеарни сили. Долгогодишната трка во вооружување, на тој начин имаше и позитивен аспект, имено, ниту една страна не беше сигурна дали противникот и по првиот бран напади ќе биде во можност да преземе и втор, одлучувачки, напад со нуклеарно оружје.

Рамнотежа на ужасот

Оваа „рамнотежа на ужасот“ исчезна со крајот на Студената војна, кон крајот на 80. и почетокот на 90. години на минатиот век. Но светот денес е соочен со нови

Kubakrise 1962 Frachter mit russischen Raketen

Советски бродови пренесуваат ракети кон Куба во 1962.

нуклеарни опасности кои се помалку предвидливи.

„Ние денес се соочуваме со проблем на т.н. хоризонтално вооружување. Тоа значи дека големите нуклеарни сили го намалуваат своето вооружување, но затоа се јавуваат многу мали за кои не сме сигурни дали можат да се контролираат, како што тоа беше случај порано“, вели Рајнхард Мајер-Валсер, професор за меѓународна политика на Универзитетот во Регенсбург.

Покрај „официјалните“ нуклеарни сили, САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција, со атомско вооружување располагаат и целосно нестабилни и непресметливи држави како Пакистан и Северна Кореја, но и Индија и Израел. Тука е уште и Иран кој очигледно нема намера да се откаже од своите обиди да произведе нуклеарно оружје.

Но, прашањето е дали функционира реториката на застрашување во денешно време?

Атомското вооружување секогаш крие одреден ризик и никогаш не се знае дали земјите кои го поседуваат ќе се однесуваат рационално. Но и покрај тоа, како што вели Анете Шапер од Хесенскиот институт за истражување на мирот, малку е веројатно дека Северна Кореја или Иран, ќе се одважат на прв напад со атомско оружје, меѓудругото и затоа што ќе мора да сметаат на многу посилен противудар. Клучот на агресивното однесување на овие земји и нивните вечни закани, според Шапер, лежат на друго место.

„И Иран и Северна Кореја се недемократски, меѓународно изолирани земји чија економија е на крајот на силите. Во таква ситуација, овие земји се однесуваат агресивно за да ги инструментализираат заканите однадвор“.

Пакистан и Индија- опасност за светот

Атомска бомба во рацете на терористи, тоа е страшната визија кога е во прашање Пакистан. Мрежата околу пакистанскиот нуклеарен научник Абдул

Reinhard Meier-Walser

Рајнхард Мајер-Валсер

Кадер Кан со години на заинтересираните им продавала „know how“.

„Сите атомски постројки во Иран, а претходно и во Ирак и во Либија се изградиле благодарение на овој извор. Односот на Пакистан во однос на ова прашање беше катастрофален“, вели Шапер.

За нештата да бидат уште позагрижувачки Пакистан води трка во вооружување со соседна Индија, слична на онаа меѓу САД и СССР за време на Студената војна. Двете земји се во непријателски односи уште од основањето на државите во 1947. година.

„Кај оваа Студена војна меѓу Пакистан и Индија опасноста лежи во тоа што ниту една земја не поседува доволно конвенционално оружје. Тоа ги принудува во случајот на криза или да попуштат или да се фатат за нуклеарните бомби“, вели Мајер- Валсер.

Единствениот излез според експертите е овие две земји да се разоружаат. Слично размислува и Анете Шапер.

„Во текот на Кубанската криза очигледно никому не му попуштија нервите и тоа го спаси светот. Но зад прекинувачот денес може да седне некој кого не го познаваме и би можел да реагира целосно поинаку“, вели Анете Шапер.