1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дали Македонците јадат генетски модификувана храна?

Зачестија барањата за донесување закон за забрана на увозот и употребата на генетски модификуваната храна заради заштита на здравјето на граѓаните. За дел од експертите, постојат ризици по здравјето, но не се докажани.

Неодамна во Скопје во рамки на светскиот „Марш против Монсанто“ – истоимената американска компанија, една од водечките во светот за производство на генетски модификувани семиња за земјоделството – беше организиран протест во знак на спротивставување на ширењето на генетски модификуваната храна за човечка употреба. Зад овој протест стоеше и невладината организација „Македонија без генетски модификувани организми“. Таа најавува повеќе едукативни настани на различни локации во земјата и одржување средби со земјоделците, за да ги поттикнат да употребуваат автохтони, локални сорти на семиња од земјоделските култури. Деновиве во поштенските сандачиња во станбените згради во Тетово се дистрибуираат печатени флаери против употребата на генетски модификуваната храна. Од споменатата невладина организација тврдат: „Постојат некои делови во постојниот закон за генетски модификувани организми, според кои ако се побара одобрение од Агенцијата за храна и ветеринарство, може да се одобри употреба на такви организми, под услов да не ја загрозуваат безбедноста на населението“. Организацијата бара корекција во споменатиот закон.

Дојче веле побара појаснувања од надлежните министерства во кои случаи може да се увезува, но и во самата земја да се произведува генетски модификувана храна. Тања Михајловска од Секторот за односи со јавноста на Министерството за земјоделство, шумарство и востопанство, кусо нагласува: „Според член 51 од односниот закон, увозот на генетски модификувани организми, или на производи од нив, може да се врши само со претходно издадена дозвола од органот на државната управа за животната средина, во зависност од намерата за која ќе се користи генетски модификуваниот организам“. Не добивме одговори на другите прашања околу тоа дали веќе се увезуваат и се сеат генетски модификувани семиња на полињата во оваа држава, но и дали се пласира и месо од животни добиени по пат на генетски инженеринг. ДВ не доби никакви изјави од министерството за заштита за животната средина.

„Нема сигурност дека генетски модификуваната храна е целосно безбедна за луѓето“

Зоран Поповски од катедрата за биотехничко инженерство на државниот факултет за земјоделство и храна во Скопје коментира: „До денес не постои докажана негативна последица од консумирање на генетски модифицирана храна. Но, периодот од почетокот на консумирањето на ваквиот вид храна од страна на човекот е релативно краток, поради што не може со сигурност да се каже дека е целосно безбедна. Ризикот се состои од појава на алергиски реакции, од интегрирање одредени гени, кои се внесуваат во бактеријалната флора кај човекот, или одредена токсичност која може да има кумулативни последици по организмот.“

Извршниот раководител на невладината организација „Екосвест“ од Скопје Ана Чоловиќ – Лешоска се надоврзува: „Граѓаните не знаат што се тоа генетски модификувани организми и дали и колку се штетни за нивното здравје. Прашањето е: како да знаат граѓаните што се генетски модификувани организми и каде ги има, ако никаде, на ниту еден производ не стои ознака? Голем недостаток на Законот за генетски модификувани организми е неговата примена во делот на означување (етикетирање) на производите. Во Македонија има такви организми: тоа го докажавме пред неколку години кога по случаен избор дадовме на тестирање десетина производи од пченка, соја и ориз. Два од тестираните производи содржеа одреден процент на генетски модификувани организми. Тестирањето беше направено пред да се донесе македонскиот закон. Зачудувачки беше фактот што едниот производ (со македонско потекло) е многу популарен производ и често пати консумиран од најмладата популација. На ниту еден производ не стоеше дека содржи генетски модификувани организми.“

Зошто се развива инженерингот за генетски модифицирани производи? Целта е – заработката. Со генетската промена може да се скрати времето на зреење, дури  може и да се „подобри“, вкусот, поточно, да се добие вкус според желба. Може да се придодаде и каква било боја. Во Европа важат многу строги правила за генетски модификувана храна. Во ЕУ, ако во производот има 0,9 проценти ГМ – храна, тој мора да биде многу видно означен и купувачот може да знае што купува.

 Чоловиќ – Лешоска е категорична: „Единствената превентива е граѓаните да не купуваат храна од генетски модификувани организми, откако ќе прочитаат дека на производот е наведена содржината каде што јасно ќе треба да стои дека производот содржи такви организми, или оти тие се користени за неговото производство. Граѓаните мора да бидат информирани и да научат да донесуваат одлуки за сопственото здравје. Затоа, примената на етикетирањето е основна. И во ЕУ постојат производи добиени по пат на генетски модификувани организми. Македонија ја следеше европската директива и го усогласи законот. Но, она што се разликува меѓу праксата во ЕУ и кај нас е дека таму јасно е наведена содржината на производот и граѓаните се многу посвесни и поинформирани за тоа каква храна сакаат да консумираат.“

Gentechnisch veränderter Blumenkohl

Карфиол со променета боја „благодарение“ на генетска техника

ГМО - лабораторијата никогаш не стана дел на системот за контрола на храната

Професорот Поповски заклучува: „Во однос на безбедносните аспекти, во актот за безбедност на храна од 2002 год. генетски модификуваната храна не беше дозволена за употреба. Со усогласувањето на македонското законодавство со она на Европската унија е направена промена, според која оваа храна треба да се обележува. Конечниот избор е оставен на потрошувачот. Така е и во земјите на ЕУ. Не треба да се донесе акт со кој ќе се забрани употребата на ГМ храна, но треба да се зајакнат контролните механизми за нејзино безбедно користење. Лабораторијата за генетски модификувани организми при нашата катедра е овластена за контрола на овој вид храна од 2006 година. Оваа лабораторија е опремена и уредена со средства од меѓународни проекти и соработка со комерцијалниот сектор, а во неа Македонија не вложила ништо. Разни министри ја отворале по разни поводи, но таа никогаш не станала интегрален дел од системот за контрола на храна во земјата. Во последните неколку месеци има иницијатива од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство да се воспостави овој национален систем за контрола на ГМ храна. Во оваа акција се вклучува и Истражувачкиот центар за биотехнологија и генетско инженерство на МАНУ. Затоа верувам дека наскоро ќе се започне со систематска контрола за присуство на таквата храна“.