1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дали Македонија е заложник на лидерската четворка?

Претставниците на меѓународната заедница во РМ порачуваат дека четирите водечки парии во земјата и нивните лидери треба да работат на обезбедување услови за демократски избори. Дали земјата е заложник на „четворката“?

Како да се организираат парламентарните избори во Македонија, за да бидат оценети како фер, коректни и демократски, со учество на партиите од позицијата и опозицијата, а потоа да дојде и до надминување на политичката криза? Дали можат четирите политички партии - потписнички на Договорот од Пржино и нивните лидери заеднички да се соочат со реалната ситуација во земјата, да ја согледаат длабочината на политичката криза и социоекономската драма во која живеат граѓаните, и заеднички да постигнат конечно политички компромис околу изборите низ процес на дијалог и преговарање и договарање, својствен за демократските држави во ЕУ? Дали РМ постапно станува заложник на партиската и лидерската „четворка“, која не можејќи да се усогласи и да се договори, ја доведува во прашање иднината на Македонија, а особено нејзината евроатлантска перспектива? Дојче веле на овие и други актуелни прашања разговараше со повеќе експерти.

Консензус - што е тоа?

Тања Каракамишева - Јовановска, професорка по уставно право и политички систем од државниот Правен факултет во Скопје, истакнува: „За компромис и за дијалог во политиката неопходно е да има политичка подготвеност од сите страни инволвирани во процесот. Кај нас компромисот многу често се злоупотребува, и со него се манипулира во функција на постигнување политички цели само на една партија. Факт е дека компромисот и дијалогот се најмоќните и најприфатените политички алатки во современите демократски процеси, но само ако се користат за иста цел - надминување на актуелните проблеми. Во Македонија, посебно од СДСМ, овие алатки се сфаќаат за една употреба. Компромисот, според СДСМ, нема за цел изнаоѓање заемно прифатливо решение меѓу сите релевантни политички чинители, туку инсистирање на своите првично зацртани партиски позиции. Тоа практично се случи со погазувањето на консенсуално донесената одлука од страна на потписниците на ’Договорот од Пржино’ заедно со претставниците на меѓународната заедница, изборите да не се одржат на 24 април. Имавме консенсуално решение, кое заради очајните и веќе патолошки потреби на СДСМ да бегаат од изборното соочување со граѓаните, беше минирано и од меѓународната заедница, а оттаму и од албанскиот фактор. Иако изборното соочување практично се помести само за еден месец, сепак преседанот за повреда на консенсуалната одлука навести дека дел од политичките субјекти не ја разбираат суштината на консензусот. Во вторникот имавме случај компромисот да го згази онаа партија која најмногу инсистира на него. Оттаму, се добива впечаток дека компромисот и дијалогот за СДСМ се само паравани зад кои тие ги постигнуваат своите политички цели: практикување власт без избори и доаѓање на власт без работа и без никакви реални резултати.“

Ова не е нормална ситуација

Д-р Малинка Ристевска - Јорданова, директорка на Институтот за европска политика од Скопје, вели: „Ако би констатирале дека сме заложници на четирите партии, односно нивните лидери, тогаш би се извртела вистинската слика за работите. Со таква констатација се споделува и се разводнува одговорноста на ’сите политички лидери’, на сите партии. Факт е дека сме во политичка ситуација која не е нормална, која треба да биде привремена и да води кон нормализација на политичкиот процес, на процесот на донесување одлуки во име на граѓаните. За да стигнеме до тоа, мора да има политичка и кривична одговорност за она што нѐ доведе до овде: пред сѐ, манипулацијата на изборниот процес, мешањето на извршната власт во другите власти, корупцијата, државната или поточно партиската контрола врз сѐ и сешто, а најмногу медиумите.... “

Граѓаните се заробеници

Деканот на Факултетот за политички науки на ФОН Универзитетот во Скопје, Назми Малиќи, смета дека „земјата не е заложник, туку заробеник“, појаснувајќи го вака својот став: „Жителите на Македонија остануваат заробеници на организиран криминал, кога политичките партии, без оглед дали се четири, две, или една партија, се вклучуваат во непочитување на законите и на Уставот. Тогаш има редица пропусти и нерегуларности на функционирањето на државата во ова време, што значи дека граѓаните не заслужуваат да бидат заробеници на непринципиелна и нефункционална политика, затоа што веќе живееме во такви околности и тоа трпение на граѓаните можеби еден ден ќе се изгуби и ќе бидеме сведоци на голем ќорсокак.“

Потребно е концентрирање на суштината на проблемите

Професорот по политички системи и поранешен министер за надворешни работи Денко Малески ја нагласува важноста на улогата што ја има меѓународната заедница во надминувањето на политичката криза во земјата, дополнувајќи: „ Всушност, Македонија полека излегува од заложништвото на четирите партии: веќе со ставот на ЕУ и САД дека 24 април не беше вистинскиот датум за избори. Ако ВМРО ДПМНЕ останеше на својата првична одлука за самораспуштање на Парламентот, тогаш тоа ќе ја воведеше земјата во многу сериозна криза - она што своевремено се навестуваше како голема опасност од ’украинско сценарио’ постепено да се развие и во Македонија: поделбите од врвот да го ’пресечат’ општеството на половина и еден дел да се конфронтира сега со Запад, а другиот да му искаже поддршка и тука да настанат проблеми долу во општеството. Со оглед дека суштински делови од ’Договорот од Пржино’ не се реализирани, ВМРО ДПМНЕ треба да ја ревидира својата севкупна позиција, да им се приклучи на останатите и заедно со ЕУ и САД да се работи на излез од кризата. Треба да се концентрираат на суштината на проблемите, кои се запишани во документот на Прибе и да создадат услови навистина да се одржат фер и демократски избори. Не е некое решение поместувањето на датумот за нивното одржување за неколку недели.“

Контрааргументите се сфаќаат како закана

Како сега да се продолжи натаму, како да се создаде основа да биде конечно позитивна следната нова проценка на условите за коректни и демократски избори, која ја најавува меѓународната заедница? Марко Трошановски, експерт за политичка комуникација и директор на Институтот за демократија од Скопје во врска со ова посочува: „Од перспектива на политичката комуникација, непризнавањето и неприфаќање на перспективата на другиот, на соговорникот, на политичкиот ривал, е она што доведе до ваква ситуација. Контрааргументите (било да е законски предлог, амандман или партиско соопштение) не се третираат како додадена вредност во политичката дебата, туку како закана на живот и смрт. Оттука, преговорите дојдоа до ќорсокак. Потребата од надворешно посредување во нив е изнедрена токму од овој комуникациски и државнички дефицит на политичките елити. Ако актерите во преговорите не ја согледаат државотворната димензија на преговорите, а оттука и доаѓањето до заедничко решение, кризата ќе се продлабочува до самоуништувачки размери.“

Каде е МАНУ?

Во една дебата на политички експерти на Државниот универзитет во Тетово, во врска со актуелната политичка ситуација во земјата, професорот по социологија Ибиш Кадриу иницираше проширување на постојните „лидерски средби“: „Во реалноста сѐ уште немаме алтернатива и визија како да излеземе од длабоката политичка криза. Кога потфрлаат политиката и политичарите во напорите да се изнајдат таа алтернатива и визија, тогаш се создава потребата во тие напори да се вклучат и академиците на Македонската академија на науки и уметности, експертите, сега тие да го кренат својот глас во јавноста и со свои научни проекти да предложат конкретни научни проекти како да се согледа излезот од кризата.“

Преговорите да се вратат во институциите

Професорот по политички науки од Скопје Димитар Мирчев заклучува: „Тие лидерски самити на кои се донесуваат одлуки се еден од реверзибилните, назадни аспекти на демократијата во Македонија. И порано имало такви случаи, меѓутоа во последниве две години тие стануваат практика и тие практично ги суспендираат демократските институции - Парламентот, коалициите опозициони и оние на власт, пратеничките групи и слично, па дури и претседателот на државата. Крајно е време по изборите да се прекине со оваа практика, односно, договарањето, одлуките, заеднички, консензуални - какви и да се, да се донесуваат таму каде што им е местото, а тоа се институциите. Пред сѐ, во Собранието и низ комуникациите со пратеничките групи. Точно е тоа дека Македонија стана заложник на лидерите на четирите партии и на тие нивни партии, заложник во таа смисла што ниту граѓаните, ниту избирачите немаат некое влијание на одлуките што ги донесуваат тие лидери. Но, вклучувањето експерти и претставници на граѓанското општество во преговарањата на ’лидерските средби' ќе биде од корист.“