1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Дали Косовците јадат загадена храна?

Откако медиумите објавија делови од извештајот на ЕК дека косовското обработливо земјиште е загадено, се разбранува јавноста. Според владини претставници извештајот е нереален, но ветија истрага.

Во извештајот на Европската комисија со наслов „Понатамошна поддршка за користењето на земјиштето“, како што пренесоа медиумите, се забележува дека конзумирањето на овошје, зеленчук, месо или млечни производи од Косово може да има смртоносни последици, поради присуството на тешки метали во земјиштето во поголема мерка од дозволената.

Меѓутоа, на официјалното претставување на извештајот, шефот на Канцеларијата за врски на Европската комисија на Косово Кристов Стох изјави дека извештајот во оваа фаза не зборува за контаминација на храната и дали штетните метали се наоѓаат или не во синџирот на исхрана. Тој напомена дека Европската комисија е подготвена да поддржи проекти за понатамошни истражувања, за да се утврди каква е навистина реалната состојба.

Das Dorf Musnikovo bei Prizren Kosovo

Од косовските институции смируваат со тврдење дека се преувеличени констатациите оти загаденоста на земјиштето е алармантна

Извадоците од извештајот преувеличени

Заменик министерот за животна средина Илир Мирена оценува дека констатациите, дека загаденоста на земјиштето е алармантна и дека може да предизвика и предвремена смрт, се преувеличени и неосновани. Мирена во изјава за Дојче веле истакнува дека граѓаните и производителите на овошје и зеленчук не би требало да бидат загрижени. Тој додава дека во извештајот не е разграничено зошто на некои места во составот на земјата нивото на минерали е поголем од дозволеното, а на некои не е.

„Тие забораваат да го споменат фактот дека Косово е познато како басен на минерали и како многу богато наоѓалиште на различни руди и тоа сигурно се одразува и на површинскиот слој на земјиштето. Значи, жителите кои овде на Косово живееле со векови ги користеле производите од оваа земја, а со векови тие минерали биле присутни на површинскиот слој на земјиштето“, вели Мирена.

StoneCastle Wein aus dem Kosovo

Европската комисија укажува дека преку исхраната со овошје, зеленчук, месо и млеко од Косово може да се внесат тешки метали во организмот

И портпаролот на министерството за земјоделие Адиљ Бехрамај за Дојче веле оценува дека извештајот не ја одразува вистинската состојба на теренот, бидејќи испитаните примероци не се земани во доволен број.

„Од вкупно 1 000 примероци, само 123 резултираа со негативни ефекти и во нив, според извештајот, најмногу беше застапен хромот. Хемиските анализи, коишто се направени во Германија, покажуваат дека само во 50 проценти од 123-те примероци е утврдено присуство на метали повеќе од максимално дозволеното ниво и, ако се направи една проста пресметка, излегува дека само 6 проценти од вкупниот број на примероци биле загадени со метали на ниво повисоко од дозволеното“, вели Бехрамај.

Косовското земјиште е со висока класа

Дека нема простор за загриженост, според Бехрамај, укажува и еден од заклучоците на извештајот, кој вели дека земјиштето на Косово спаѓа меѓу најдобрите во регионот, бидејќи 80 проценти од земјиштето е рангирано од прва до четврта класа. Тој појаснува дека тоа значи дека таквото земјиште има капацитет да издржи загаденост и на тој начин ја ограничува загаденоста во синџирот на исхрана.

Портпаролот на министерството за земјоделие порачува дека неговото министерство, заедно со останатите релевантни институции веднаш ќе тргнат во надгледување и детално истражување, за во блиска иднина да се дојде до јасни резултати за загаденоста на обработливите површини.

Автор: Зулфија Јакупи / Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска