1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дали казните ќе „решаваат“ за абортусот?

Гинеколози се сомневаат дека високите казни за лекарите и можни стапици во процедурата, може директно да влијаат врз одлуката за прекин на бременоста.

Освен во казнената политика, нема суштинска разлика меѓу Законот за прекин на бременоста кој функционира од 1977 година и новиот предлог-закон што ја регулира оваа проблематика и со него не се забранува правото на абортус, тврдат категорично правни експерти. Ако се споредат двата законски текста, навистина е тешко да се воочат разлики.

„Прекинувањето на бременоста не може да се изврши ако од прекинувањето на претходната бременост не поминала една година", се вели во став три од членот 2 од актуелниот Закон за прекинување на бременоста. Идентична одредба се наоѓа во членот 3 став 4 од новиот предлог- закон. И во стариот и во новиот текст на закон, пишува дека „прекинување на бременоста е посебна медицинска интервенција за која слободно одлучува бремената жена" и дека „правото за прекинување на бременоста може да се ограничи само заради заштита на нејзиното здравје и живот".

Symbolbild Rechtssprechung p178

И во двата текста за абортус по десетата недела од бременоста лекарот е должен барањето да го препрати до првостепена комисија во рамки на здравствената организација. За наодот на првостепената комисија, жената има право на жалба до второстепената, што ја формира Министерството за здравство. Одлуката на второстепената комисија е конечна. Единствената разлика во новиот предлог е тоа што жената барањето за абортус сега ќе треба да го достави во пишан документ, на образец од Министерството. Откако ќе го поднесе барањето, а лекарот ќе и ги објасни последиците од прекинувањето на бременоста, таа има три дена уште еднаш да размисли за својата одлука.

Нарушена дискреција

Тогаш, која е причината што жените вчера жестоко протестира против законска практика која функционира 36 години?

Ѓаволот се крие во деталите, вели Лилјана Поповска, лидер на партијата ДОМ и пратеничка на владејачката коалиција, која вчера протестираше против владиниот предлог.

„Со новиот предлог-закон, во одлуката на жената се вклучува министерот со неговите комисии. Еден, до вчера доверлив чин меѓу жената и лекарот, се бирократизира и се омасовува со многу актери. Со тоа се нарушува дискрецијата на личната одлука на жената, а таа се обесхрабрува да учествува во процедура со толку актери. Се плашам дека ваков закон ќе ги натера жените да изберат 'друга опција', што ќе го зголеми бројот на нелегални абортуси и ќе го загрози нивното здравје и живот", вели Поповска.

Таа смета дека овој предлог е всушност дел од популационата политика на Владата за зголемување на наталитетот, кој бележи огромен пад.

„Но, популациона политика не се прави со рестрикции, туку со стимулации. На седница на Комисија за еднакви можности на мажите и жените, неодамна се согласивме дека е потребна ревизија на популационата политика, по која ќе даваме предлози за нова стратегија. Сите едногласно се согласија со тоа - и власта и опозицијата и претставниците на невладините организации. Само што го прифативме тој систем на работа, со овој предлог-закон е направен директен упад во она што го договоривме", објаснува Поповска. Таа стравува дека овој закон ќе биде основа за нови делби во Македонија и ќе предизвика огромна политичка штета.

Никој не чита закони

Даниела Димитриевска, извршна директорка на Македонското женско лоби, вели дека се' уште не го видела текстот на новиот предлог-закон, но протестирала против него од една причина.

„Ова е прашање што засега многу граѓани, не само жените туку и мажите, бидејќи се однесува на планирање на семејството. Таков важен закон не смее да се носи без јавна дебата, нетранспарентно и на брзина, преку ноќ, да се стави во собраниска процедура. Нашите работни групи - правната и здравствената, прават анализа на предлог-законот и наскоро ќе ги соопштат своите ставови за него", вели Димитриевска.

Најголем дел од жените што вчера протестираа не го прочитале ни законот од 1977 година, ни новиот предлог. Според социолози, таквиот протест е еден вид „инстиктивна одбрана", бидејќи веќе неколку години јавноста е бомбардирана со кампањи против абортус, па сега стравуваат дека „ова е тоа", дека стигнала забраната. Според нив, за надминување на конфузијата околу владиниот предлог, потребна е дебата и транспарентност.

„Избери живот, имаш право на избор". Со вакво мото и со потпис на Владата пред две години започна медимумска кампања против абортусот, што од тогаш ги подгрева сомневањата дека се подготвува терен за драстично ограничување на правото на абортус.

Стравот лозјето го чува

Гинеколозите на сакаат јавно да го коментираат владиниот предлог. Но, стравуваат дека кампањите на Владата и јавните повици за зголемување на наталитетот, може директно да влијаат врз одлуките на комисиите.

„Може да се даде стручно образложение дека абортусот ќе го загрози животот на жената и во случаи кога не постои таква опасност. Ако ја видите висината на казните предвидени со предлог-законот и можните стапици во процедурите, за лекарот ќе биде најсигурно да се изјасни против абортус, во духот на народната поговорка 'стравот лозјетого чува", велат дел од гинеколозите.

Во предлог-законот, за лекарите се предвидени казни од 2.000 до 3.500 евра, а за правните лица од 20.000-50.000 евра, ако не ја почитуваат пропишаната процедура. За лекарите е предвидена и кривична одговорност со запретена казна од 6 месеци до 3 години затвор, ако лекарот „изврши прекинување на бременоста спротивно на одредбите на овој закон или во здравствена установа која не ги исполнува одредбите од член 19 од законот". Невладини организации за човекови права предупредија дека со вакви казни, кои не се предвидени при изведување на други медицински процедури, се руши и еднаквоста и дигнитетот на лекарите.

Пратеници од владејачката коалиција изјавија дека очекуваат низ собраниска процедура да се отстранат сите дилеми за овој закон, кој е фокусиран кон заштита на здравјето на жената, а не на штета на нејзините права.