1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дали и треба на Македонија „консензуален претседател“?

Предлогот на лидерот на ДУИ новиот претседател на Македонија да се избере низ консензуална кандидатура, наидува на поделени мислења. Дел од експертите предупредуваат дека предлогот е „неостварлив предизборен маркетинг“.

default

„Подготвен сум да гласам за кандидат - Македонец, ако за него се постигне консензус. Шефот на државата треба да биде претседател на сите граѓани. Албанците сами не можат да го изберат претседателот, но и ниту без нив не може тој да биде избран, ако не се постигне консензус. За ова прашање првин ќе разговараме во партнерот во владејачката коалиција, но, ако не најдеме заеднички јазик, тогаш ќе разговараме и со опозицијата“, ова го кажа лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети пред неколку дена.

Досега сѐ уште нема барем во јавноста одговор, или какви било реагирања и ставови од ВМРО ДПМНЕ и Никола Груевски.

Запрашан од ДВ како ја коментира идејата на Ахмети новиот шеф на државата да биде избран низ консензуална процедура, претседателот на СДСМ Зоран Заев одговара: „Ова е исклучително позитивна порака на Ахмети, овој предлог е поттик политичките партии да ги надминат своите теснопартиски предрасуди кога зборуваме за првата клучна политичка позиција во Македонија. Мораме да бараме човек, кој граѓаните ќе го доживеат како претседател на сите граѓани, без оглед на нивната етничка, политичка, или религиска определба. Македонија е исправена пред крупни одлуки: потребна и е силна и кредибилна личност, која што барем од почетокот ќе ја има начелно поддршката од граѓаните. Би сакал кандидатот зад кој СДСМ ќе застане, или ќе го предложи, да биде прифатлив и од Турците, и од Албанците, и од Ромите, тие да го гледаат како личност која што реално може да ја извршува успешно функцијата претседател на РМ.“

Заев: „Консензуалноста е доблест“

Се наметнуваат неколку клучни и важни прашања. Дали воведувањето на принципот на консензуалноста во предизборните договарања околу функцијата претседател на државата би претставувало „тивок“ вовед во можни претстојни „тектонски промени“ во функционирањето на сиот политички систем, ако политичките репрезенти на албанскиот етникум би барале консензуалноста натаму генерализирано да се применува и на редица други нивоа на политичкиот систем, за распределбата на државниот буџет и многу други прашања? Што ако проширеното политичко консензуално договарање и одлучување би доживувало неуспеси и би било проследувано со етнички блокади од албанскиот политички блок? Дали тогаш би доаѓало до намалување на ефикасноста во функционирањето на политичкиот систем, па и напати до негово парализирање?

Заев вака одговара на овие прашања и дилеми:

Mazedonien Zoran Zaev Präsident der oppositionellen Partei SDSM

Зоран Заев

„Дали изборот на Ѓорѓе Иванов, којшто беше поддржан и од гласачите – Албанци во земјата, со што и ДУИ застана зад него, предизвика одредени незгодни состојби во функционирањето на државата? Не. Значителен број Албанци гласаа и за Црвенковски, кога се кандидираше за претседател, како и претходно за Борис Трајковски. Тоа не е предлог за биетничност. Таквиот предлог за 'консензуален' претседател е баш во духот на мултиетничноста. Така се гради мултиетничка држава, каде што секој ќе мора да води грижа за сите етнички заедници, не само за втората по големина, или за првата по големина етничка заедница, напротив, за сите етнички заедници тоа да биде прифатливо. Консензуалноста како пристап треба да ја има насекаде.“

Тој дополнува: „Не треба да гледаме на овие прашања како на некои нови испорачани барања со политички предзнак од страна на некои од етничките заедници во државата. Консензуалноста е доблест, таа е демонстрација на големина и широчина. Тоа го нема долго време во политиката, а треба да го применуваме. На тој начин ќе ги успокоиме граѓаните, така ќе испратиме пораки за спокојна, стабилна и надежна иднина. Јас апсолутно не гледам на ова прашање како на консензуален услов кон нешто што е во најава во иднина дека би можело да биде проширено и за многу други прашања.“

Потпретседателот на Владата за Рамковниот договор Муса Џафери од редовите на ДУИ е категоричен: „Од политички аспект таквата консензуалност би значела дека за таквиот претседателски кандидат постои политичка поддршка и политичка волја. Таа идеја нема свој правен аспект, без некое директно влијание врз правниот систем. Не постои основа, и да се сака да се постави прашањето на проширена примена на консензуалноста во политичкото договорање и одлучување. Идејата е само тоа од почетокот на кандидатурата да постојат консензуални договори, со цел да се изнајде и да се утврди кандидат со прифатлива програма, да биде колку е можно повеќе прифатлив од сите граѓани, од етнички аспект.“

Поделени мислења

Mazedonien Land und Leute Residenz des mazedonischen Präsident Vila Vodno in Skopje

Претседателската резиденција на Водно

Во врска со настојувањето на Ахмети за избор на „консензуален претседател“ Тања Каракамишева, експерт за уставно-политички систем од државниот Правен факултет во Скопје, коментира: „Прашањето околу консензуалното одлучување многу пати и од многу политички субјекти се толкува на начин различен од оној кој е утврден во Уставот на земјата. Потребата од релативизација на ова начело е само меѓупартиски обид, заради добивање на политички поени, да се протнат некои идеи, за кои се разговарало меѓу две политички партии. Ништо повеќе од тоа. Начинот на кандидирање претседателски кандидат и самиот избор е точно утврден во највисокиот акт на земјата и во Изборниот законик. Само тоа што е напишано има правна тежина и е релевантно за државата. Сите останати комбинаторики се политички конструкции без правна сила.“

Назми Малиќи, политички експерт од ФОН Универзитетот, го има следното мислење: „Во ваквата состојба на политичкото организирање и на партизираност на општеството да бараме консензуален претседател бесмислено е, и е невозможно: за утврдување личност за таков претседател политичките партии треба со години да ја имаат градено клима на зближување ставови и на однесување. Тоа е неостварлив предизборен маркетинг. Но, ’консензуален’ претседател со добар авторитет, што ќе биде прифатлив за сите, секако дека би имал позитивна улога. Претседателите во земјата овие години имаат само проста церемонијална функција без никакво влијание, а ако таков претседател бираме и натаму сеедно ќе биде дали тој ќе биде консензуален, или не.“

Jove Kekenovski Professor an der Fakultät für Tourismus in Ohrid

Јове Кекеновски

Универзитетскиот професор Јове Кекеновски, кој јавно ја изнесе својата намера да ја бара поддршката од ВМРО ДПМНЕ да се кандидира за највисоката политичка функција во земјата, е категоричен дека предлогот на Ахмети е „предлог за биетнички консензус“ и тврди: „Вака профилираниот кандидат ќе биде поддржан само од дел од Албанците и Македонците и ќе го отсликува бинационалниот, наместо мултиетничкиот карактер на Македонија, која била и треба да остане мултиетничка држава. Вака предложениот и избран кандидат за претседател ќе треба да биде гарант дека во иднина ќе се реализираат барањата на Албанците, кои ги надминуваат рамките на Охридскиот договор: албанскиот како втор службен јазик во државата, претворање на Парламентот во дводомно собрание, уривање на унитарниот и промовирање на федеративниот карактер на државата. Тоа би претставувало можност за воведување на 'голема врата' на принципот на консензуално одлучување по сите прашања и на сите подолни нивоа на организација на власта. Наместо да ги обедини ваквиот претседател ке ги разедини граѓаните“.