1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Дали и Кипар ќе мора под европскиот „чадор за спас“?

Кипар од 1. јули го презема претседателството со ЕУ. Но, на островската држава наскоро може да и‘ е потребна финансиска помош од ЕУ. Рејтинг агенциите ја рангираа кредитоспособноста на Кипар на шпекулативно ниво.

Банките на Кипар се тесно поврзани со грчките кредитни институти, гласи едно од најважните образложенија на рејтинг агенциите за лошата оценка за островската земја. Во финансискиот центар Кипар политиката и банкарството и онака се тесно испреплетени. Во карактеристиките на локалната политика спаѓа тоа што комунистичкиот претседател Димитрис Кристофиас владее со помош на поддршката на националистичка партија, додека изразито европски ориентираните конзервативци од опозицијата се доближуваат до социјалистите. Аналитичарите во тоа гледаат заедничка стратегија во пресрет на претседателските избори во 2013-та година.

Во основа се чини политичарите се согласни: владата мора да ги заврши домашните задачи, Кипар мора да го задржи статусот на финансиски центар. Што значи тоа конкретно, постојат различни интерпретации. Владејачката комунистичка партија АКЕЛ предупредува од претеран курс на штедење: тоа само ќе го блокира стопанството, што се гледа на грчкиот пример, вели партискиот шеф Јоргос Лукаидис за кипарската телевизија.

Прагматични комунисти

„Главниот проблем е банкарската криза, не е проблематичната финансиска политика или структурните проблеми на стопанството“, вели Лукаидис. Насекаде народот е приморуван на мерки на штедење, за да им се помогне на банките. Притоа, на овој начин не се решаваат проблемите, туку тие само се продлабочуваат.

„Кога во Грција беа спроведени првите мерки за штедење, долговите на земјата изнесуваа 115 проценти од брутодомашниот производ. По две години политика на штедење, тие се зголемија на 165 проценти, тоа веќе нешто значи“, вели Јоргос Лукаидис.

Неговите аргументи потсетуваат на реториката на левичарската грчка партија СИРИЗА. Но, левите на Кипар делуваат попрагматично од нивните колеги во Атина. На пример, кипарските комунисти заедно со другите партии се согласија изненадувачки на рекапитализација на „Лаики банката“ за средината на јуни со државна помош.

„Не беше наша намера да ги подржавуваме загубите или да ги спасуваме банките, иако крајниот ефект се разбира е истиот“ вели Лукаидис во телевизиско интервју.

„Лаики банк“ е системски релевантна банка, се работи за вториот по големина кредитен институт во земјата. Нејзин банкрот би имал фатални последици за банкарскиот систем и за целокупното стопанство“, објаснува портпаролот на АКЕЛ.

Опозицијата зборува за барање помош од Брисел

До крајот на јуни „Лаики банк“ треба да прими финансиска инјекција од две милијарди евра за да ги исполни барањата на Европскиот надзорен одбор за банките. Но, кипарската влада нема пари за тоа. Алтернативата гласи: барање помош од Брисел, кредит од Русија или отворање и за Кипар на славината од вториот пакет финансиска помош за Грција. Најдобредојдена би била помош од Европскиот фонд за спас, смета конзервативниот пратеник Кристос Стулианидис:

„Владата треба да има во вид позајмица од ЕФСФ, за да не биде доведен во прашање угледот на Кипар како финансиски центар“, изјави опозициониот политичар Стулианидис во телевизиско интервју.

„Мораме да дадеме јасен сигнал дека ќе се подредиме на стриктна финансиска дисциплина““.

Уште во 2011-та година премиерот Димитрис Кристофијас мораше да го реконструира кабинетот, откако се појавија гласови за барање финансиска помош од Брисел. Причина за владината криза беше несреќата од досега непознати причини во пристаништето Лимасол - во експлозиите во магацините со оружје загинаа 13 луѓе, беше уништен голем дел од сопствената енергетска структура на земјата. Поправката чинеше две милијарди евра. Тоа одговара на десет проценти од вкупниот економски производ на островската република. Со тоа дополнително беше оптоварено, од кризата и онака погоденото, кипарско стопанство.

Schuldenkrise in Europa Regierungswechsel Zypern

„Брзо да биде потпишан Фискалниот пакт“

И покрај тоа, или токму поради тоа, земјата мора да даде сигнал за поголема финансиска дисциплина, верува конзервативниот пратеник Стулианидис. Кипар како финансиски центар едноставно не смее да си дозволи сомнеж во неговиот бонитет.

„Пледирам што поскоро да го ратификуваме Европскиот фискален пакт“, вели опозициониот политичар во интервју за државната телевизија. Со тоа ќе биде подигнат бонитетот на кипарските државни обврзници.

„Ако проблемот едноставно го туркаме под тепих, ќе не‘ снајде судбината на Грција“, предупредува Стулианидис.

Времето притиска-поради загриженост околу ангажаманот на кипарските банки во Грција, рејтинг агенциите Стандард и Пурс и Мудис веќе го симнаа бонитетот на Кипар на шпекулативно ниво. Сепак, левоориентираната кипарска влада ветува и натаму солидна финансиска политика. Во 2014-та година таа дури планира и избалансиран буџет.