1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Дали Италија врти кон десно?

Финансиската криза им дава сила на десно-екстремните партии во Италија во пресрет на изборите. Расистичките испади против црните фудбалери се само еден симптом. Експремиерот Берлускони игра на таа карта.

Следната недела и понеделник (24 и 25.02) Италија повторно излегува на избори. Т.н. технократска влада на Марио Монти не успеа да го убеди парламентот да се тргне на патот на реформите, пред се’ поради противењето на партијата на Берлускони.

Немаше друг избор освен да се распишат избори, иако на многумина во Италија веќе им изгледа дека традиционалната политика доживеала крах. Доколку на тоа се додаде и се поголемата сиромаштија и големиот број невработени, лесно се доаѓа до формула која значи политичка радикализација во земјата. А дека на Италија не и оди добро потврдуваат и анализите на тамошниот Институт за статистика кој предвидува дека ни во 2013. година нема да дојде до економско опоравување. Бидејќи, како што стопанството влијае врз политиката, така и нестабилните политички односи лошо делуваат на италијанската економија.

Расте бројот на странците

Притоа, во Италија доаѓаат се поголем број странци. Иако нивниот број е само околу 7,5 проценти од вкупното население, сепак мнозинството живее во стопанските центри на северот на Италија. А и таму има се помалку работа, како за Италијанците така и за странците. Не е случајно тоа што популистичките партии како Северната лига добиваат се повеќе следбеници.

Italien Wahlkampf Mario Monti

Марио Монти

Минатото лето, весникот „Ла Република“ објави истражување за екстремната десница. Иако беше утврдено дека нема значителен пораст на бројот на гласови за десницата на изборите, сепак „ставовите и мислењата на тие партии се шират дури и меѓу граѓаните кои порано гласале за партиите на левицата“, објаснува новинарот Паоло Беричи. Според истражување на британскиот Институт Демос екстремната десница повеќе не се занимава со расистички и антисемитски пароли, туку се „истакнуваат културата и вредностите со оглед на се’ поголемиот број доселеници и ’европскиот ислам’ кој се смета за културна закан“. Таа тактика носи резултати и таквите партии привлекуваат луѓе кои во минатото, а често и со генерации, биле наклонети кон левичарските политички опции.

Северната Лига го прави токму тоа, и таа не сака да ја сметаат за десничарска, туку за популистичка партија која се залага отцепување на северот на земјата. Во последните две влади на Берлускони токму оваа партија го обезбедуваше мнозинството во парламентот. Новиот лидер на Северната Лига Роберто Марони сака да стане претседател на покраинската влада на Ломбардија, а повторно се здружи и со Берлускони за да обезбеди мнозинство во парламентот.

Пораст на расизмот

Wahlsieger Berlusconi berät mit sich mit Lega Nord Chef Umberto Bossi

Силвио Берлускони со поранешниот претседател на Северната Лига Умберто Боси

Дали на тој начин Берлускони повторно ќе стане италијанскиот премиер? На неколку дена пред изборите тешко е да се одговори на тоа прашање. Џејмс Валтсон, професор на американскиот универзитет во Рим смета дека овојпат тоа нема да се случи, но дека Берлускони ќе има доволно гласови за „толку да го дестабилизира парламентот што победникот нема да биде во состојба да владее со земјата“.

Во меѓувреме, во земјата тлее расизмот, неретко помогнат и од партиите како Северната Лига. Во јануари годинава беше прекинат пријателскиот фудбалски меч меѓу Про Патриа и Милан, откако беа навредувани црномурестите фудбалери на клубот на Берлускони. Еден од најгласните хушкачи беше токму истакнат член на Северната лига.

Расистичките повици на стадионите не се само израз на незнаење и политичка некултура, туку и израз на омраза и се поголемо влијание на насилството во многу делови на италијанското општество. Среде тоа незнаење и хаос на италијанската политичка сцена, тамошната екстремна десница е на добар пат да стигне до центарот на политичките случувања, стравуваат политичките аналитичари.