1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Дали зад нападот во Бенгази стои Ал Каеда?

Можно е зад нападот врз американскиот конзулат во либискиот град Бенгази да се крие Ал Каеда. Тајните служби на САД имаат силни индиции за тоа. Претседателот Барак Обама издаде наредба за испловување на два воени брода.

Нападите носат јасен печат на терористичката мрежа Ал Каеда, изјави претседалот на Комисијата на американскиот Претставнички дом за тајните служби, Мајк Роџерс за СиЕнЕн.

„Со месеци следиме дека Ал Каеда на око држи западни цели насекаде во северна Африка“, вели Роџерс.

Слична е оценката и на исламологот Фуад Ајами од Универзитетот Стенфорд. Тој тврди дека во Либија има уште многу активни борци на Ал Каеда. Во Бенгази напаѓачите употребија запаливи бомби и противтенковско оружје. Тие повеќе од четири часа стрелаа врз зградата. Тоа не може да биде спонтан изблик на гнев. Нападот се случи на годишнината од терористичките напади од 11 септември 2001. година во САД. За исламистичките напаѓачи тоа е симболичен датум. Портпарол на Белата куќа меѓутоа беше воздржан со оценката во овој правец. „Се работи за комплексни напади“, но дали зад нив се крие Ал Каеда, не може да се каже со сигурност, изјави тој.

Наредбата за напад врз конзулатот на САД во Бенгази е дадена лично од лидерот на Ал Каеда, Ајман ал Завахири, соопштија пак руските медиуми, повикувајќи се на изјава на соработник на аналитичкиот оддел на британските тајни служби.

На 11. септември врз дипломатската мисија на САД беше извршен напад во кој загинаа четворица негови службеници, вклучувајќи го и американскиот амбасадор во Либија, Кристофер Стивенс.

„Ал Завахири лично го наредил нападот. Станува збор за добро испланирана операција на терористичката мрежа Ал Каеда“, забележува експертот.

Според него, групата што го извршила нападот се состоела од 20 борци, кои минале специјална обука. Операцијата била спроведена со покритието на масовните демонстрации против сквернавењето на муслиманите во филм за пророкот Мухамед, чии кадри се појавија на интернет со арапски превод.