1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Дали е Хезболах терористичка организација?

Зад нападот врз израелските туристи во Бугарија можно е да се крие Хезболах. Затоа се се‘ погласни повиците организацијата да се стави на листата на ЕУ на терористички групи. Тоа пак може да му штети на Либан.

Кога ќе се најде „во тесно“, Хезболах на своите членови им изрекува забрана на давање изјави. „Бугарија? Не, без коментар“. Рана, портпаролка на Хезболах во Бејрут, реагира пријателски, но одлучно. Таа дополнува: „Жал ми е, навистина“.

Прес-центарот се наоѓа во прометна улица во Дахие, кварт во јужен Бејрут каде доминира Хезболах. Организацијата овде е сеприсутна, во училиштата, во болниците кои ги гради или во зградите чија изградба ја финансира.

„Либан е веќе незамислив без Хезболах“, вели Бјерн Блашке, дописник за германската телевизија АРД од Блиски Исток.

„Хезболах учествува и во либанската влада, застапен е во парламентот, истовремено е и социјално движење“. Зашто, организацијата, на пример, доделува стипендии и финансира сиропиталишта.

„Хезболах е се‘“

Но, Хезболах е уште повеќе, располага со вооружени милиции, израснати во 1980-те години од отпорот против израелската окупација на Јужен Либан и зајакнати во текот на либанската граѓанска војна. Во Јужен Либан, кој долго време беше понеразвиен од останатиот дел од земјата, живеат многу шиитски муслимани, па Хезболах, Божја партија, е шиитска партија, чии водачи се шиитски духовници. Црниот турбан на генералниот секретар Хасан Насралах покажува негово директно потекло од пророците. Кратко: „Хезболах е се‘“, вели Блашке.

Филип Мисфелдер, портпарол за надворешнополитички прашања на партиите на Унијата, ЦДУ и ЦСУ, избира други зборови:

„Хезболах не е добротворна организација, како што понекогаш се претставува, туку политичка, агресивна, фундаменталистика единица, која не се откажува ни од насилно спроведување на своите цели“.

Со тоа тој алудира на истрагата, според која е можно Хезболах да учествувал врз нападот врз израелските туристи и нивниот возач во Бугарија минатото лето, како што се сомнева бугарската влада.

Hisbollah Beirut Versammlung 12.11.2012

Приврзенички на Хезболах во Бејрут

Западот не покажа доволно цврстина

Мисфелдер затоа бара ЕУ да го стави Хезболах на листата на терористички организации. Таму се веќе организации како Хамас од Газа и Ал Каида. Значи, организации, кои според дефиницијата на ЕУ, извршиле редица тешки злосторства, како грабнувања и убиства, меѓу другото со цел да го заплашат населението и „сериозно да ги дестабилизираат или уништат основните структури на една земја“.

„Западот досега не покажа доволно цврстина кон Хезболах“, смета Мисфелдер - Хезболах може непречено даделува во Европа. Организацијата своите активности ги финансира преку легални и нелегални бизниси. Но, доколку еднаш се најде на листата на терористички организации, европските и германските безбедносни органи „можат да постапуваат многу посилно и поостро“. Тоа ќе ја отвори и можноста за санкции, како и за забрана за влегување на членовите на Хезболах.

САД и Израел, кои веќе го рангираа Хезболах во терористичките организации, би го поздравиле овој чекор. Но, повеќе евроспки земји се спротивставуваат. Затоа Мисфелдер се залага дури и за германски едностран чекор. Можен е и компромис, каков што практикува британската влада со ИРА: разговори со политичкото крило, а ранг на терористи за вооруженото крило.

„Тоа е вештачка поделба, но во Брисел може да се земе предвид“, вели Мисфелдер.

Hisbollah Hassan Nasrallah in Beirut 17.09.2012

Хасан Насралах

Опасност од јакнење на Хезболах

Но, Надим Шехади од реномираната британска тинк-тенк Чатам хаус, предупредува од преземање „избрзани чекори“. Навистина, некои дефиниции на тероризмот можат да важат за делови од Хезболах, кој за време на либанската граѓанска војна исто така вршеше напади и грабнуваше луѓе. Но... „Јас сум многу загрижен за последиците кои би можеле да произлезат по Либан“.  Зашто, Хезболах е легитимен дел од владата. Ставање на листата на терористи и санкции, би можело да води кон изолација на Либан:

„Тоа веројатно ќе ја зајакне позицијата на Хезболах, наместо да ја ослаби“.

И новинарот Блашке има слично мислење. Прекинот на дијалогот е погрешна стратегија.

„Ако Хезболах биде ставен под надворешен притисок, може да добие впечаток дека мора да се брани“. Военото крило се‘ уште поседува доволно оружје за војна, предупредува Шехади.

Хезболах се залага за деескалација

Хезболах од пред извесно време се најде под притисок и во Либан: со тоа што се стави на страната на режимот на Асад во сирискиот конфликт, заедно со Иран, важниот сојузник, тој загуби доста поддршка, уверен е Блашке. Затоа, Хезболах се обидува да делува стабилизирачки во Либан и што е можно помалку провоцирачки. При неговата последна посета на Бејрут, раскажува Блашке, му падналo в очи дека се тргнати обесените слики на иранските револуционерни водачи од повеќе згради:

„Дури и од една болница во Дахие финансирана од Иран“.

И во текот на војната во Газа минатата година, Хезболах се држеше упадливо воздржано, што е уште еден знак за тактика на деескалација, вели Блашке.

„Верувам дека Западот би направил добро ако согледа дека постојат елити кои не се според неговите претстави. Хезболах не може едноставно да се игнорира“, вели Блашке.

А Хезболах моментно молчи. Можеби Хасан Насралах на викендот ќе одржи говор на тема Бугарија, вели портпаролката Рана. Но, можеби и нема. Таа, во секој случај, не смее да зборува.