1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Дали е светската економија навистина во криза?

Закана од рецесија во САД, побавен раст во Европа, Кина без двоцифрени стапки на раст, но и рекорден германски извоз, супер-профити, милијарди за купување други фирми. Каква е реалната состојба на светското стопанство?

default

Светското стопанство

Имаме поплава од песимистички гласови за конјунктурата во најголемата светска економија - американската; за скептиците не важат ни позитивните сигнали, кои навестуваат дека воопшто и не мора да дојде толку лошо време. Во вториот квартал годинава американското стопанство постигна раст од 1,9 насто, што никако не може да значи рецесија. Песимистите сепак велат дека тоа е само резултат на милијардите од даночните растоварувања од пакетот на владата на Буш и оти потрошувачката набргу ќе опадне, а потрошувачите ќе ја почувствуваат целата сила на кризата на кредитите и недвижнините.

Дали е чашата наполу празна или дополу полна?

Со оглед на неочекувано робустната побарувачка во САД, и Меѓународниот монетарен фонд ја коригира својата прогноза од 0,5 на 1,3 проценти раст на американската економија годинава. Растоварување доаѓа и од друга страна - цената на нафтата и енергијата, кои предизвикаа жестоки инфлациони удари во светот, од пред некое време значително опаѓаат. Ова раѓа надежи дека скоковите на цените од изминатиот период беа само привремена појава и е објаснение зошто прво американската емисиона банка, а потоа и Европската централна банка ги оставија непроменети ескотните камати, за да не ги парализираат натамошно силите на стопанскиот раст.

„Економијата наполу се состои од психологија“

Секако, во секој подем некогаш доаѓа до застој. Во моментов песимистите се на цена. Но, со оглед на противречните сигнали, се граничи со неодговорност веќе да се зборува за рецесија. Кој постојано предупредува на криза и заканувачка рецесија, предизвикува несигурност кај потрошувачите и претпријатијата, па на крајот и ќе предизвика криза. Тоа е како пророштво што се исполнува самото од себе: потрошувачите штедат, претпријатијата ги одложуваат инвестициите за подоцна, се укинуваат работни места, стоките остануваат непродадени на регалите.

Но, воопшто не мора да дојде дотаму. Економијата наполу се состои од психологија, рече своевремено поранешниот германски министер за стопанство и канцелар Лудвиг Ерхард. Ако е тоа точно, тогаш психолозите не би требало на своите пациенти да им велат дека се поболни, отколку што навистина се’.

DW.COM