1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Дали е можен живот без нафта?

Кога ќе биде достигнат врвот на црпењето нафта, светот ќе мора да бара алтернативни извори на енергија. Прогнозите покажуваат дека врвот ќе биде достигнат во 2030 година. Можеме ли воопшто да живееме без нафта?

default

Научниците од БГР - Службата за геологија и природни богатства, велат дека за десет години ќе се исцрпат резервите на конвенционална нафта. Други експерти тврдат дека ова време веќе одамна е истечено. Здружението за нови енергии, како и агенцијата за нови енергии прогнозираат дека домашни енергетски растенија ќе можат да покријат 12% од енергетската потреба до 2020, а со увозот на биолошки суровини ќе може да се замени дури една четвртина од потребите на нафта во Германија. Раководителот на стручната агенција за обновливи суровини Андреас Шуте нагласува дека потенцијалите за нови видови на енергија се огромни.

„Во моментов имаме 18 проценти насади со биолошки суровини на германската почва. Тоа се вкупно 2,1 милиони хектари земја. За во иднина се надеваме дека ќе можеме да користиме околу 4 милиони хектари земја и сево ова без да ја ограничуваме прехранбената и добиточната продукција. Дополнително имаме околу 5 милиони хектри зеленило на располагање, од кое што еден милион хектари можеме да користиме“.

Дали земјоделците на крајот ќе садат жито или репка, ќе зависи од пазарната цена. Во моментов фосилните суровини се подостапни од аграрните затоа што се поефтини. Оваа ситуација на пазарот го кочи развојот на новите енергии. Пример за ова е дека пред една година тон жито чинеше 100 евра.

„Кога би се пресметала содржината на енергија од еден тон жито во енергетската содржина на суровата нафта, тогаш се заклучува дека житото е многу поефтино од нафтата. Ова е многу гротескна ситуација“.

Ernte nachwachsende Rohstoffe

Аграрните култури би можеле за 10 години да заменат околу 22 милиони тони сурова нафта

Нафтени резерви за само уште 10 години

Меѓународните агенции за енергија предупредуваат дека цената за еден барел сурова нафта ќе изнесува 100 долари, а до 2030 година ќе достигне до 190 долари. По прогнозите на Сојузот за нови енергии во Германија сегашната засадена биолошка маса би можела за 10 години да замени околу 22 милиони тони сурова нафта. Биолошката енергија го зафаќа со 70 проценти најголемиот дел од новите енергии. Ефективноста на ваквите енергии може да се зголемува поради тоа што енергетските растенија може повеќекратно да се употребуваат.

„Ако на пример јас во автомобилската индустрија сум користел материјал на база на обновливи суровини или ако сум направил едно пакување од истите и не можам да го рециклирам, тогаш можам оваа суровина термички да ја обработам и од неа да добијам енергија. Значи процесот е однапред подготвен и со тоа е овозможена материјалната добивка од овој продукт“, наведува Шуте.

Автор: Верена Кемна/Љубинка Божиновска

Редактор: Жана Ацеска