1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Дали ЕУ ја заслужи Нобеловата награда?

Денеска на претставниците на ЕУ свечено им беше доделена Нобеловата награда за мир. Но дали Унијата ја заслужи оваа награда? Критичките мислења се се’ погласни.

Меѓу критичките мислења се вбројуваат такви од организации како Амнести Интернешнл, но и во рамките на самата ЕУ

Речиси секојдневно во водите на Средоземното Mоре се одвива некоја драма: бродчиња пренатрупани со бегалци од Северна Африка пловат во правец на италијанскиот остров Лампедуза или кон шпанскиот брег. За многумина од нив, морето е смртоносна стапица. Снимките од потонати бродови, давеници, умрени од жед се речиси ритуален дел од информативните програми на западноевропските телевизии.

Приливот на очајни мигранти од Африка во толку фалената Европа без граници ја доведува пред тежок испит. Имено, земјите од ЕУ веќе со години спорат околу ставот кон илегалните имигранти. Мислењата за мерките за помош или за протерување екстремно се разликуваат. Само поради тоа, ЕУ ограничено ја заслужи Нобеловата награда за мир, вели Волфганг Гренц, генерален секретар на германската секција на Амнести Интернешнл.

Amnesty International Deutschland Wolfgang Grenz

Волфганг Гренц, Амнести интернешнл

„Европската политика на затворање на границите доведува до тоа луѓето да се дават во водите на Средоземното Mоре“, вели Гренц.

Според него, ваквата состојба е недозволива. Тој ја споменува и актуелната состојба на грчко-турската граница каде драстично се зајакнати контролите. Поради тоа, луѓето кои одлучиле да ја напуштат својата земја поради насилствата и да избегаат во Европа сега се одлучуваат за пат преку Средоземното Mоре.

„А кога ќе ги пронајдат во Средоземното Mоре, ним треба да им се обезбеди постапка за добивање азил. Но, тоа најчесто не се случува“, вели Гренц.

Тој е скептичен и кога се во прашање антидискриминаториските насоки на ЕУ кои членките треба да ги претопат во нивното национално законодавство. Иако со воведувањето на насоките беше сторен значаен чекор напред, во пракса, дискриминацијата на Ромите и на припадниците на другите малцинства во ЕУ и натаму е секојдневие.

„Ромите немаат секаде подеднаков пристап до образовниот систем, здравствената заштита, пазарот на трудот...“, вели Гренц, додавајќи дека некои земји дури и не преземаат мерки против нападите врз Ромите.

Гренц не е осамен во критиките. Тој смета дека ЕУ веројатно најмногу ќе ја погоди тоа што тројца претходни добитници на Нобеловата награда изјавија дека таа не ја заслужува наградата. Надбискупот Едмонд Туту, северно-ирската активистка за човекови права Мерид Магир и аргентинскиот борец за граѓански права Адолфо Перес Ескивел пред неколку дена испратија заедничко писмо до Комитетот во Осло.

„Сосема е јасно дека ЕУ не спаѓа во борците за мир какви што ги замислувал Алфред Нобел во 1895 година“, се наведува во писмото.

Дури и некои членови на Европскиот парламент се дистанцираа од наградата. Пратеничката на Зелените Франциска Келер вели дека кога ја слушнала веста помислила дека некој подранил со првоаприлските шеги. Таа е загрижена дека и оваа награда во суштина ќе се сведе на „ефектот Обама“, односно се доделува за нешто што треба да се случи во иднина, а што можеби и нема да се постигне.