1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Дали Германија ќе ги згрижи сириските христијани?

Христијанското малцинство во Сирија долго време не беше вознемирувано од режимот на Асад, но од почетокот на граѓанската војна се најдe меѓу две завојувани страни. Германија сака да ги спаси сириските христијани.

„Доколку Германија ги преземе сириските христијани, тоа би бил извонредно хуман чин“. Ова за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ го изјави Фолкер Каудер, претседател на конзервативната демо-христијанска парламентарна група , од партијата на канцеларката Ангела Меркел. Министерот за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих се согласи да им даде прибежиште на сириските христијани со образложение дека тие се соочуваат со „сериозна форма на прогонство“.

Христијаните под притисок

На територијата од денешна Сирија, христијани живееле уште пред 2.000 години, од самиот зачеток на оваа религија. Сириската православна црква е една од најстарите во светот. Некои од тамошните верници се' уште употребуваат арамејски, јазикот на кој зборувал Исус. Христијаните секогаш имале издефинирана улога во современата Сириска Арапска Република. На пример, во 40-тите години на минатиот век премиер на земјата бил Фарис ал-Чури, припадник на христијанската вероисповед.

Во Сирија, како христијани се регистрирани од осум до 10 проценти од населението. Речиси две-третини од нив припаѓаат на Сириската православна црква, додека, пак, останатите се римокатолици и асирци. Во споредба со останатите арапски земји, христијаните во Сирија под власт на претседателот Башар ал-Асад, живееја доста мирно уживајќи ги сите слободи и права. Но, од самиот почеток на немирите насочени против актуелната политика, режимот се стреми да го прикаже опозцискиот отпор како религиски бунт, во кој се вклучени и сириските христијани. Од друга страна, пак, ваквата слика која се претставува од режимот, наидува на сомнеж кај некои негови противници.

Syrien Christen Kreuz Messe Feier Zeremonie

Христијанските Сиријци се најдоа меѓу два огна, откако во земјата изби граѓанската војна

Според политикологот Ралф Гадбан ваквиот впечаток е сосема разбирлив. Кога пред 18 месеци започнаа немирите во Сирија, најголем дел од официјалните црковни претставници му изразија поддршка на претседателот Асад. Но, според Гадбан, оттогаш многу христијани го промениле својот став. На пример, новоизбраниот лидер на опозициската коалиција - Сириски национален совет, Џорџ Сабра, кој инаку е христијанин, повика на поддршка за бунтовниците кои се борат против актуелниот режим.

Земја на малцинства

Епископот Фридрих Вебер, претседател на Германскиот Совет на христијански цркви (ACK), исто така го поддржува предлогот за преземање на сириски христијани.

„Германија е земја формирана на христијански принципи. Тоа се наши браќа и сестри, блиски до нас и затоа имаме посебна обврска да се погрижиме за нив“, изјави за Дојче веле Вебер.

Политикологот Гадбан строго се противи на ваквиот став: „ Таков згрижувачки третман кон групи на луѓе може да се дозволи само доколку постојат цврсти докази дека истите се жестоко прогонувани од својата земја. За сега, вакви докази нема ниту од локалните христијани, ниту од Рим“.

Според Гадбан, кој потекнува од Либан, а во Германија живее и работи веќе 40 години, христијаните би требале да бидат третирани исто како и секоја друга група на бегалци. Тој вели дека Сирија секогаш била земја на малцинства: „Курди, христијани, друзи, јазиди и многу други религии и етнички заедници со векови живеат заедно во Сирија“.

Syrien Bürgerkrieg Flüchtlinge in Jordanien

Сиријци бегаат поради ужасот на војната

Локална поддршка

Ситуацијата во Сирија не е лесно разбирлива. Од една страна има христијани кои го поддржуваат режимот на претседателот Асад, а други, пак, им се придружуваат на бунтовниците. Познавачите на состојбата велат дека владата намерно ги насочува христијаните кон бегалските кампови, каде што тие се изложени на репресии од страна на исламистите.

„Несомнено, доведувањето на сириски христијани во Германија или во која било друга европска земја е мерка којашто треба да се преземе само во краен случај“, дециден е Гадбан. Тој работи со бегалци веќе седумнаесет години и смета дека е подобро доколку бегалците се стационираат во земји поблиску до Сирија, како Јордан, Турција или Либан.

„Ваквата опција е добра, бидејќи најпрво е поевтина, а потоа откако војната ќе заврши, овозможува и побрзо враќање на бегалците во нивната татковина. Доколку заминат во подалечни земји, многу е веројатно дека ќе ја напуштат Сирија засекогаш“, вели Гадбан.

Епископот Вебер се согласува со овој став на политикологот.

„Самите бегалци размислуваат на овој начин. Токму затоа повеќето од нив, и покрај зачестените киднапирања и прогони, остануваат во бегалските кампови. Во почетокот, хуманитарната помош мора да се насочи кон камповите.

Од друга страна, повеќето сириски христијани се добро едуцирани и токму затоа тие би претставувале значаен фактор во идната реконструкција на нивната земја“, завршува Вебер.