1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Дали времето е превртено на глава?

Огромен студ во САД, бури во делот на Атлантикот, пролетни температури во Западна Европа - што ли се случува со времето?

Дали времето полуде? Ова прашање се наметнува неизбежно кога ќе се слушнат временските извештаи од последните денови од Вашингтон, Берлин или Лондон. Луѓето во Северна Америка ѕемнат од рекордни студови. Европските крајбрежја само што преживеаја бури, а во Германија природата веќе се врти кон пролет.

Откако почна бранот на рекордно ниски температури и студови во САД, дури и во „сончевите сојузни држави“, како Флорида и Калифорнија, се регистрирани температури под нулата. Во најмалку 49 американски сојузни држави е забележан рекорден студ. Дури и Канаѓаните, кои инаку се навиканти на ниски температури, имаат проблеми поради најновиот голем пад на температурите.

Екстремниот студ, според метеоролозите, се должи на комбинација на силен северен ветер со промени на т.н. поларен вортекс. Притоа се мисли на огромен регион на студен воздух околу северниот пол. Тој регион вообичаено е ограничен од џетстрим, односно воздушни маси кои доаѓаат од источен правец. Ваквото перманентно движење на воздухот го носи студениот воздух вообичаено од Канада во насока на Гренланд, Сибир или преку Аљаска повторно назад во Канада.

Меѓутоа, во одредени метеоролошки услови, поларниот воздух би можел да се пробие и длабоко кон југ. Во таков случај, подрачјето на висок воздушен притисок (антициклон, н.з.) од западниот дел на САД се среќава со подрачје на низок воздушен притисок од истокот на земјата. Тоа доведува до силен северен ветер со чија помош студениот воздух од Северниот пол стигнува на југ. Истовремено, високиот воздушен притисок над Сибир „турка“ подалеку од вообичаено големи маси поларен воздух кон југ.

Пролет во јануари

На другата страна на Атлантикот пак, со недели има пролетни температури. Спротивставените временски услови, сепак, се поврзани едни со други. Студениот воздух од Америка со недели се движи над Атлантикот, кој го затоплува. Температурните разлики меѓу северот и југот доведуваат до создавање зони на низок воздушен приситок, кои го диктираат времето во Европа. Нискиот воздушен притисок придонесува за тоа воздушните маси од југоисток да се движат кон централна Европа. Тие во Велика Британија на крајот на минатата година и почетокот на оваа донесоа бури и невреме, а во Германија се одговорни за западен ветер и невообичено благи температури за овој период на годината.

Дали временските „нелогичности“ се должат на промените на климата? Потврден одговор не би можело да се даде. Експертите за клима велат дека е потребен период од најмалку 30 години за да се извлечат заклучоци за долгорочните климатски трендови.

Сепак, тие веќе подолго време укажуваат на можна поврзаност на брзото загревање на Арктикот и периодите на студ во другите региони во светот. Помалку мраз и снег во морињата на крајот на есента, доведуваат до загревање на морињата. Температурните разлики го определуваат текот на џетстримот. Тоа, според мислењето на научниците, може да предизвикува осцилации во движењето на воздухот кое зависи од временските услови.

Есктремниот студ во Северна Америка не значи дека е демантирано тврдењето за затоплување на климата, објаснуваат експертите од Институтот за истражување на климата во Потсдам. Додека глобалната температура расте и натаму ќе има природни климатски осцилации, велат експертите. Бран студ како во САД, според нив, може да е поврзан со затоплувањето на светот генерално. Затоплувањето на морињата и промените на односите на зоните со висок и низок воздушен притисок можат дури да доведуваат се‘ почесто до студени бранови на северната полутопка.

Научниците кои работат и за Светскиот совет за клима, во секој случај претпоставуваат дека екстремните временски појави ќе бидат се‘ почести. Во последните 30 години, според наводи на институтот во Потсдам, повеќе од двојно е зголемен бројот на временски екстреми, вклучително суши, бури и поплави.